Достапни линкови

logo-print

Може ли реконструкцијата на Ирак да помогне?


Може ли реконструкцијата на Ирак да помогне во обновата на искинатите транс-атлантски односи? Британскиот премиер Тони Блер верува дека ќе го убеди во тоа американскиот претседател Џорџ Буш на денешните нивни разговори во Кемп Дејвид.

Британскиот премиер Тони Блер смета дека Соединетите Држави треба да преземат чекори за подобрување на односите со Франција и Германија. Како што е познато, Франција веќе изјави дека ќе ветоира секој мандат на Обединетите Нации со кој поствоената ирачка администрација ќе биде водена од американците и британците. Според Блер, клучно за повторното трансатлантско приближување би требало да биде силната американска определба централната улога во поствоен Ирак да ја имаат Обединетите Нации, односно точно она што го бараат Франција и другите европски земји. Проблемот е што, по се изгледа, Вашингтон не го сака тоа. Аналитичарот Нил Гардинер вели:

„Мислам дека постои фундаментална подделеност меѓу Лондон и Вашингтон околу ова прашање. Тони Блер бара нов мандат за Обединетите Нации за поствоената ирачка администрација. Како што сфаќам, претседателот Буш не го поддржува ваквиот поглед.“

Од друга страна, некои новински извештаи од Вашингтон сугерираат дека администрацијата на Буш, се уште ранета што не доби дозвола од Советот за безбедност за употреба на сила против Ирак, е нестрплива повторно да се врати во Обединетите Нации. Американскиот државен секретар Колин Пауел пак, вчера, пред членовите на Претставничкиот Дом сигнализира дека Вашингтон сака вистинско приближување со Париз:

„Соединетите Држави и Франција – ние сме на брачно советување 225 години. Но, погодувајте? Бракот постои.“

Секретарот Пауел потврди дека има тензии во трансатланскиот сојуз, но оти се работи тие да бидат надминати.,,Имаме битно несогласување околу Ирак, но и битна согласност околу проширувањето на Европската Унија, Босна, Косово, Македонија, Авганистан,, - рече Пауел. Тој додаде дека Вашингтон сака, по завршувањето на војната во Ирак, да биде етаблирана ирачка влада која ќе биде поддржана од сојузниците. Но, според него, почетната поствоена контрола мора да остане на сојузничките сили како на воено, така и на цивилно поле. Впрочем, во американските планови, како што велат експертите, не е предвидено, освен за хуманитарни цели, Обединетите Нации да бидат вклучени во поствоен Ирак.

„Доколку, на пример, имате француски и руски трупи како дел од поствоената безбедносна операција, мислам дека тоа ќе ви создаде низа тешкотии. Французите и Русите примарно се заинтересирани во обезбедувањето на нивните стратегиски интереси во регионот.“

вели Гардинер. Морин Стејнбрунер е претседател на Вашингтонскиот Центар за национална политика. Таа верува дека европејците соочени со американската намера да одат сами, би можело на крајот да постигнат компромис со американската админстрација.

„Тие гледаат ситуација во која, ако им се препушти да го сторат тоа сами, американците ќе воспостават некаков вид хегемонија во регионот. Нема да бидам изненадена со мал компромис кај дел од европејците. Можеби Блер веќе го сфатил тоа.“

Според експертите Блер, очекува, доколку војната заврши релативно брзо и со малку жртви, тогаш Буш и Ширак да се смират преку чашите со минарална вода на 1-ви јуни кога Осумте најразвиени земји во светот ќе се состанат во Франција.
XS
SM
MD
LG