Достапни линкови

Операцијата поблиску до почетокот отколку до крајот


Сојузничките сили ги продолжија воздушните напади врз Багдад, а цели беа државната телевизија и владините телекомуникациски и сателитски системи. Ирачката телевизија имаше неколку часовен прекин, по што продолжи со емитување на програмата. Силни експлозии одекнуваа и во предградијата на Багдад за каде што се смета дека се стационирани припадници на елитната Републиканска Гарда на Садам Хусеин. Воени претсавници на Соединетите Држави соопштија дека во борбите кај градот Наџаф, на 150 километри јужно од Багдад, загинале меѓу 150 и 500 ирачки војници. Една единица американски маринци наишлa на жесток отпор и на автопатот во близина на градот Насириа. Според непотврдени извештаи, во градот Басра постојат индиции дека локалното население започнало бунт против ирачкиот режим. Ваквите информации ги демантира ирачкиот министер за информации Мухамед Ал Сахав. Американскиот државен секретар за одбрана Доналд Рамсфелд изјави дека акцијата во Ирак е поблиску до почетокот, отколку до крајот.

„Отпорот што со кој се соочуваме е очекуван. Тоа не влијае врз нашиот прогрес. Оваа кампања ќе станува се поопасна во наредните денови и недели, кога сојузничките сили ќе се доближат до Багдад, а режимот ќе се соочи со соборување.“

За развојот на акцијата во Ирак денеска во Кемп Дејвид ќе разговараат американскиот претседател Џорџ Буш и британскиот премиер Тони Блер, кој изјави дека една од темите ќе биде и кризата во односите со некои европски држави.

„Практично, како Америка и Европа да работат заедно како партнери, а не како ривали, да најдеме начини за справување со хуманитарната криза, мерките за обнова на пост-воен Ирак, како и нашиот пристап за Блискиот Исток и арапскиот свет.“

По разговорите, Буш и Блер утре во Њујорк ќе се состанат со генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан, а една од темите е хуманитарната помош за ирачкото население.
XS
SM
MD
LG