Достапни линкови

И денеска продолжуваат бомбардирањата на Багдад


Воздушните напади врз Багдад продолжија и денеска со истовременото напредување на американските трупи кон главниот град на Ирак. Еден британски авион не се врати од мисијата и според британски воени извори најверојатно е погоден од американски ракети патриот.

Нови експлозии го потресуваат Багдад, а според Ројтерс, голема експлозија се слушнала и од центарот на градот по нападите на сојузничката авијација. Ирачката државна телевизија јавува за борби меѓу ирачките и американските сили во близина на градот Најаф на околу 160 километри од Багдад, каде што и според Ројтерс е запрено напредувањето. Според истиот извор, во овие борби загинал високиот член на владеачката Баас партија Најеф Шедак. Американско – британските сили ги бомбардирале и Мосул и Киркук на северот на Ирак. Денеска има размена на оган и борби и кај пристаништето Ум Касар кое е под контрола на сојузниците кои заробиле околу 450 ирачки војници. Американските сили соопштија дека ги поразиле ирачките трупи кај џепот кај Басра во јужен Ирак и ја освоиле Насирија 375 километри југоисточно од Багдад. Ирачкиот министер за информации Саед Ел Сахаф пак изјави дека борбите кај Насирија продолжуваат. Американскиот генерал Стенли Мек Кристал синоќа изјави.

„На теренот, коалиционите сили го продолжуваат главниот напад кон Багдад.“

Мек Кристал рече дека вчера се истрелани околу илјада проектили врз неколку стотини цели во Ирак.

Во меѓувреме еден британски авион откако ја завршил оперативната мисија исчезнал на границата со Кувајт, а според британски официјални лица, авионот најверојатно е погоден од американска ракета Патриот. Пентагон соопшти дека е тоа можно Американски воени лица соопштија дека еден американски војник е осомничен за нападот со граната во кампот Пенсилванија во Кувајт во кој беа ранети 13 војници од 101-та воздушна дивизија.
XS
SM
MD
LG