Достапни линкови

Почна масовното бомбардирање


Почетокот на сојузничките масовни воздушни удари врз Багдад и другите поголеми ирачки градови, според лондонскиот весник Тајмс, уследил откако пропаднале преговорите меѓу специјалните американски сили и шефовите на ирачката Републиканската гарда за нејзино предавање. Експертите сметаат дека со предавањето ќе можеа да се избегнат и несаканите цивилни жртви.

Според западниот печат, американската војска уште пред почетокот на војната имала план да преговара со ирачките офицери за условите на нивното предавање. Тоа предвидувало ирачките сили да го положат тешкото вооружување и да се вратат во касарните за да не станат воени заробеници. Покрај тоа ирачките офицери, доколку ветат дека нема да се борат, би требало да го задржат личното оружје и да останат заповедници на своите единици. Ваквиот договор, според американските воени планери, би придонесол сојузничките сили забрзано да се движат кон Багдад без товар од воени заробеници. Џејмс Вајли - директор на студиите за решавање конфликти при Шкотскиот универзитет во Абердин смета дека американските и британските сили во текот на своето напредување кон Багдад и натаму ќе се обидуваат да не уништуваат големи делови од регрутираната ирачка армија.

„Во која било поствоена ситуација би можело да е од голема корист да имаш ирачка армија која нема да биде непријателски настроена спрема сојузничките сили. Таа армија може да биде многу корисна во зачувувањето на редот во земјата. Но доколку ирачките војници не сакаат да се предадат тогаш добро е тие да бидат заробени неповредени. Тоа е добро за јавното мислење, не само во Ирак, туку и во целиот свет,“

вели Џејмс Вајли кој додава дека масовните воздушни напади треба да бидат прецизни со цел да се избегнат цивилните жртви.

„Прецизноста на нападите ќе го сузбие нивното насилство. Масовните напади треба да бидат софистицирани.“

И Пол Корниш - директор на Лондонскиот центар за одбранбени студии исто така смета дека масовното бомбардирање не би требало да ја загрози главната цел – цивилните жртви да бидат сведени на минимум. Според него, на удар треба да бидат воените единици и ракетните позиции.

„Јас се уште мислам дека ние сме во порачјето на симболична реалност. Значи ако идентификувате бригада на Републиканската гарда или нешто што личи на тоа, и ако таа се движи и покрај предупредувањата, тогаш мора да ја нападнете,“

вели Корниш додавајќи дека во спротивно тоа ќе биде сигнал и за другите ирачки единци да се движат, што е знак дека би можело да заземат борбени позиции. Корниш забележува дека бомбардерите Бе 52, иако се најстари во американското воено воздухпловство, се модифицирани да носат прецизна муниција.
XS
SM
MD
LG