Достапни линкови

Без директен удар, но и без заобиколување


По отворањето на воениот фронт на Соединетите Американски Држави со Ирак македонската економија нема да биде директно погодена, но не и заобиколена е коментарот на првиот директор на Охридска Банка Најденко Поповски.

„Македонската економија и финансии се настрана од директниот конфликт, меѓутоа, ние не сме настрана од одредени движења во светската економија, посебно во енергетиката и од вредносниот систем што го дефинира доларот“.

Како последица на ново настанатата ситуација она што може да се очекува е намалување на динамиката на пуштање во промет на кредитините пласмани од страна на комерцијалните банки

„Банките ќе имаат одредена задршка во кредитирањето на стопанството и бизнисот, поради сигурноста што треба да ја имаат тие пласмани“.

За тоа како ќе реагира економијата во светот, а индиректно и во Македонија многу е битно време траењето на воениот судир е ставот на Поповски. Според првичните проценки, доколку финиширањето на овој конфликт ќе се пролонгира на подолг временски период, тоа секако ќе има дополнителни негативни последици врз меѓународниот Пазар на капиталот.

„Цените ќе растат, каматните стапки исто така и најверојатно ќе дојде до поместување на трошоците на живот, а сигурно и до една умерена инфлација“.

Најдиректно ќе биде погодена економијата на Соединетите Американски Држави. Според пресметките оваа војна Америка ќе ја чини 600 милијарди долари, средства кој Американците барем во прво време ќе мора да ги издвојат од државната каса.

„Американскиот буџет ќе има дефицит, во стартот на војната ќе биде зголемен за стотина, а се очекува во 2003-та тој да надмине 350 милијарди долари. Тоа претставува еден од најголемиот ризик што го има Буш и неговиот кабинет.“

Тоа што е спротивно од очекувањата барем во првите денови од воениот судир е падот на цената на нафтата на светските берзи. Коментарот на Поповски е доколку војната се пролонгира, реално е да е очекува скок на цените на црното злато и поместување на нивото на вредноста на доларот.
XS
SM
MD
LG