Достапни линкови

Масовни бомбардирања и психолошка предност


Стотици илјади американски и британски војници со илјадници тенкови, борбени авиони, крстосувачки ракети, според експертите, ќе се обидат да обезбедат победа во првата фаза на војната против Ирак. Стручњаците сметаат дека војската на ирачкиот претседател Садам Хусеин располага со значително послаби потенцијали и оти затоа неговата тактика ќе се заснова врз брзи напади и улични борби. Во избегнувањето на жртвите, американските воени планери се надеваат дека пенкалото ќе биде помоќно од мечот.

Масовните сојузнички бомбардирања со крстосувачки проектили, наведувани бомби и ракети со голема разурнувачка моќ би требало да предизвикаат ефект на шокираност кај ирачката војска. Таквата акција би имала за цел да се изолираат Садам Хусеин и неговите најблиски соработници, да ги деморализира војниците и да ги поттикне на предавство и дезертирање. Кенет Алард е поранешен член на разузнавчките служби на американската армија, а сега работи како аналитичар во Вашингтонскиот центар за стратегиски и меѓународни студии. Според него, таканаречената кампања на психолошки операции треба да биде клучниот дел на американската стратегија со цел да се минимизира бројот на цивилните и воените жртви:

„Сега постои многу сериозно прашање за единството на ирачката војска и за нејзината лојалност спрема Садам Хусеин. Психолошкото војување ни дава енормна острица во користењето на разликите за кои знаеме дека постојат кај нив.“

Рејмонд Тантер – експерт за тероризам вели дека Соединетите Држави имале позитивен ефект од моделот на психолошката кампања што ја спроведуваа во Авганистан – купување поддршка од воените лидери.

„Доколку ирачките генерали и другите во раководството на регуралната армија соработуваат, ним веројатно ќе им бидат ветени кеш пари, како и друг вид награди со цел да избегаат од Садам.“

Според Тантер, дел од таа кампања е и американската закана дека ирачките генерали ќе трпат тешки последици доколку ги спроведат евентуалните наредби за употреба на хемиско и биолошко оружје – најлошиот ноќен кошмар за американските воени планери. И Тантер и Алард се согласуваат дека траењето на војната и бројот на жртвите на двете страни ќе зависи од степенот на успехот или неуспехот на американската психолошка воена кампања.
XS
SM
MD
LG