Достапни линкови

Обраќања на Буш и Хусеин до нациите


Неколку минути по започнувањето на нападите врз Ирак, американскиот претседател Џорџ Буш во краткото телевизиско обраќање од Белата Куќа, изјави дека нивната цел биле намалување на способноста на Садам Хусеин за борба.

„Мои сограѓани, во овој момент американските и силите на коалицијата се во првата етапа на воените операции за разоружување на Ирак, за ослободување на ирачаните и за одбрана на светот од сериозната опасност.“

изјави претседателот Буш, предупредувајќи дека кампањата би можело да биде подолга и потешка од предвиденото.

„Кампања врз сурова земја на држава голема колку Калифорнија би можела да биде подолга и потешка од она што некои предвидуваат. Сакам американците и сите во светот да знаат дека коалиционите сили ќе го направат секој напор да ги поштедат цивилите.“

Претседателот Буш додаде дека кампањата нема да биде половична.

„Во овој конфликт, Америка се соочува со непријател кој не ги почитува воените конвенции и моралните правила. Садам Хусеин постави војници и опрема во цивилни зони, обидувајќи се да ги искористи невините луѓе, жени и деца како штитови за неговата војска. Тоа е последно злосторство врз неговиот народ.“

изјави американскиот претседател Џорџ Буш за време на првите воздушни напади врз Багдад. Неколку часа по нив и ирачкиот претседател Садам Хусеин исто така преку телевизијата и се обрати на нацијата која ја повика на отпор и и вети победа.

„Денеска дваесети март две илјади и трета, криминалниот и лекоумен Буш Јуниор стори злосторство против човештвото со кое долго ни се закануваше.“

рече Садам Хусеин во обраќањето за кое, според агенциите, не е познато дали било снимено од порано или емитувано во живо. Започнувањето на војната во Ирак главно предизвика загриженост во светот. Трите постојани членки на Советот за Безбедност на Обединетите Нации Русија, Кина и Франција веднаш изразија жалење и апелираа на брзо завршување на воената интервенција.

„Руското раководство изразува жалење што ирачката криза, ирачкиот проблем се решава со вени средства, без одлука од Советот за безбедност.“

„Овој напад го игнорира спротивставувањето на повеќето држави во светот и претставува кршење на повелбата на Обединетите Нации и на меѓународното право. Бараме запирање на воената акција и политичко решение на ирачката криза.“


изјавија рускиот премиер Михаил Касјанов и портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Конг Куан. Во реакцијата на официјален Париз се изразува надеж дека ќе бидат искористени сите средства да биде поштедно цивилното население и се повикуваат земјите во регионот да се воздржат од секоја иницијатива која би ја влошила ситуацијата. Германската влада изрази запрепастеност од започнувањето на војната, како и страхување дека во неа би можело да биде употребено и оружје за масовно уништување.
XS
SM
MD
LG