Достапни линкови

Ограничена акција, масовно бомбардирање допрва ќе следи


Американски претставници соопштија дека првиот бран од нападот врз Ирак е само ограничена акција, предводена од борбените авиони Стелт и крстосувачки ракети, а оти ќе следува масовно бомбардирање. Портпаролот на американските сили Крис Хјуз изјави за Ројтер дека нападите се насочени кон контролните и командните центри и доколку бидат успешни, би можеле да ја сменат концепцијата на војната. Од 4 американски бродови и две подморници во Заливот, изутрината беа истрелани над 40 ракети Томахавк врз цели во околината на Багдад.

Претставник на ирачкото министерство за информации соопшти дека во нападите биле повредени извесен број цивили, не изнесувајки други детали. Ирачката против-воздушна одбрана дејствувала, а кувајтското министерство за одбрана соопшти дека два ирачки проектила паднале во пограничниот регион, но нема повредени. Аналитичарот Рејмонд Тантер оцени дека ова е само почеток на војната и оти може да се очекува интензивирање на бомбардирањата.

„Практично војната започна, но не со предвидената динамика, што би значело околу 3 илјади истрелани бомби и стратегија на шок и страв. Таа стратегија засега изостана.“

Британскиот секретар за одбрана Џеф Хун изјави дека нападот врз Ирак наскоро ќе се интензивира и оти ова е само прелиминарна фаза. Во акцијата учествуваат и австралиски сили, а премиерот Џон Хауард изјави дека австралиските бродови во Заливот биле вклучени во сојузничките напади врз Ирак.
XS
SM
MD
LG