Достапни линкови

Ден за одлука за начинот на решавање на кризата


Американскиот претседател Џорџ Буш денешниот ден го означи како последен за Обединетите Нации при донесувањето одлука за начинот на решавањето на ирачката криза. Ирачкиот лидер Садам Хусеин пак, се закани дека ќе дојде до војна од глобални размери доколку Соединетите Држави ја нападнат неговата земја.

По вчерашниот итен состанок на Азорските Острови, Џорџ Буш и премиерите на Британија и на Шпанија Тони Блер и Хозе Марија Азнар сигнализираа дека привршуваат обидите за дипломатско решавање на ирачката криза. Буш соопшти дека денеска во Обединетите Нации ќе биде моментот на вистината околу тоа дали меѓународната заедница ќе преземе итна акција за да го разоружа Ирак.

„Многу земји се заложија за мир и безбедност и сега тие мора да ја демонстрираат таа заложба на единствениот ефективен начин – поддржувајќи го итното и безусловно разоружување на Садам Хусеин.“

Буш посебно ја критикуваше Франција поради нејзината закана дека ќе го употреби ветото во Советот за безбедност за да ја блокира резолуцијата со која се расчистува патот за војна против Ирак. Францускиот претседател Жак Ширак во интервју за американската телевизија изјави дека Франција нема планови да се откаже од ветото и оти инспекторите за оружје би требало да ја продолжат работа. Ваквиот француски став, според американскиот потпретседател Дик Чејни, покажува дека Париз е на страната на Садам Хусеин и оти поради тоа, како што рече тој, тешко е Франција да се земе сериозно. Државниот секретар Колин Пауел оценува дека релациите меѓу Соединетите Држави и Франција се нарушени и оти во иднина ќе треба да се работи на нивно подобрување. Пауел не очекува руското спротивставување на војната во Ирак да има негативни последици во односите меѓу Вашингтон и Москва. Од друга страна, ирачкиот претседател Садам Хусеин се закани со воен судир од глобални размери во случај на американски напад врз неговата земја.

„Една од причините за нивната омраза спрема нас е таа што ние сме против алчноста, а тие се алчни. Непријателот мора да знае дека судирот ќе се води секаде каде што има небо, земја и вода, низ целата земјина топка.“

рече Хусеин на состанокот со ирачкиот воен врв. Како што јавуваат агенциите, во Ирак веќе се е во знакот на исчекувањето на војната. Продавниците се празнат, на бензинските пумпи се формираат големи редици автомобили, а на странските известувачи во Багдад им е издадена наредба да се сместат само во три хотели во центарот на градот. Како на сигнал дека се ближи војната се гледа и на наредбата на Обединетите нации нивните посматрачи на ирачко – кувајтската граница да ги запрат своите активности, како и на повлекувањето на американскиот недипломатски персонал и нивните семејства од Кувајт, Израел и Сирија. Вашингтон и Лондон им препорачаа на своите граѓани да ги откажат сите планирани посети на тој регион, во Багдад почнаа затворањето на странските амбасади.
XS
SM
MD
LG