Достапни линкови

Убиен Зоран Ѓинѓиќ


Српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ им подлегна на повредите здобиени во денешниот атентат во центарот на Белград. Toj беше погоден со два истрела – во стомакот и во градите - пред зградата на српската влада во Белград. Ѓинѓиќ веднаш беше пренесен во болница, но и покрај оперативниот зафат, им подлегна на повредите. Според очевидци, по атентатот биле уапсени две лица. Меѓутоа, полицијата не ги потврди тие наводи.

Српската влада прогласи тридневна жалост и побара од Наташа Мициќ, вршител на должноста српски претседател да предложи вонредна состојба во земјата.

„Ова криминално дело е целосно јасен обид на оние кои и во изминатите години со убиства се обидуваа да ги запрат развојот на Србија и нејзината демократизација, да го сменат текот на историјата и повторно да ја изолираат Србија и да ја претворат во царство на група криминалци.“

изјави заменик премиерот Небојша Човиќ по вонредната седница на српската влада. Педесет годишниот Зоран Ѓинѓиќ беше познат како реформист и како клучен лидер на здружената опозиција која во двеилјадитата година го урна од власт југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ. Зоран Ѓинѓиќ постојано беше критикуван од српските националисти за неговата улога во израчувањето на Милошевиќ на Хашкиот трибунал. При минатогодишната посета на Радио Слободна Европа, Зоран Џинџиќ говореше за неговите гледања при справувањето со тешкотиите во земјата.

„Дали со отворени очи ги гледаме проблемите и ги решаваме колку и да се непријатни или ги избегнуваме, пикнувајќи ги главите во песок и ги негираме.“

Ѓинѓиќ од почетокот на годинава на извесен начин го смени неговото мислење околу решавањето на ситуацијата на Косово, повикувајќи на отворање разговори за неговиот статус. Според посматрачите, Џинџиќ бил препознатлив по неговиот макијавелистички поглед на власта. Во тој контекст ги ставаат и каранците со претседателот на тогашната Сојузна Република Југославија Воислав Коштуница. Зоран Ѓинѓиќ беше еден од српските политичари кои сметаат дека кризата на српскиот идентитет е коренот на нестабилноста на Балканот. Џинџиќ веруваше дека србите се блиску да го пронајдат својот идентитет. Меѓутоа, неговата насилна смрт во Белград сугерира дека таквото решение е многу далеку.
XS
SM
MD
LG