Достапни линкови

logo-print

Вжештени телефони за обезбедување поддршка


Советот за безбедност на Обединетите Нации утре треба да се изјасни за нова предлог резолуција со која би се одобрила употреба на сила против Ирак. Вашингтон се надева дека ќе го обезбеди потребниот број гласови за резолуцијата да помине.

Соединетите Држави сметаат дека се блиску до бројката од 9 гласа во Советот за безбедност, неопходни за усвојување на предлог резолуцијата со која на Ирак би му се поставил ултиматум до 17-ти овој месец да ги исполни своите обврски за разоружување или ќе се соочи со воен напад. Меѓутоа, државниот секретар Колин Пауел изјави дека не би бил изненаден доколку Франција, која е еден од најголемите противници на воената интервенција, го употреби своето право на вето во Советот.

„Мислам дека направивме одреден прогрес со 10-те непостојани членки на Советот за Безбедност, но како што знаете, Франција зазеде цврст став против резолуцијата. Иако досега не го употребија зборот вето, може да се очекува и таков потег.“

Претседателите на Франција и на Русија Жак Ширак и Владимир Путин во телефонски разговор оцениле дека американската предлог резолуција нема да ја добие потребната подршка и оти членките на Советот ќе се определат за продолжување на инспекторската мисија во Ирак. Францускиот министер за надворешни работи Доминик Де Вилпен во посета на Ангола, Камерун и Гвинеја, сите членки на Советот, во обид да ги убеди да не гласаат за новата резолуција.

„Не можеме да прифатиме никаков ултиматум, никаква автоматска употреба на сила. Тие даваат краен рок до 17-ти март. Ние не мислиме дека треба да се оди во војна со таков тајминг.“

Изјави Де Вилпен, додавајки дека една земја може да го порази Ирак, но без подршка од Обединетите Нации не може да биде гарантиран мирот. Американскиот претседател Џорџ Буш изјави дека Соединетите држави се подготвени за воена акција за разоружување на Ирак и без подршка од Обединетите Нации. Иако војната сеуште може да се избегне, таа е се поблиску, оцени шефот на меѓународната агенција за атомска енергија Мухемед Ел Барадеи во интервју за весникот Ал Хајат. Тој изјави дека војната може да биде избегната само со исклучително значен чекор на Садам Хусеин во правец на разоружување.
XS
SM
MD
LG