Достапни линкови

Британија за десетдневен ултиматум, Франција, Русија и Кина против


Советот за безбедност на Обединетите Нации поделен околу ултиматумот - 17-ти март да биде последниот рок до кога Ирак треба да се согласи на безусловно разоружување или во спротивно ќе се соочи со војна. Оваа нацрт резолуција ја предложи британскиот министер за надворешни работи Џек Строу во расправата во Советот откако шефовите на инспекторските тимови Ханс Бликс и Ел Барадеи наведоа дека уништувањето на ракетите Ал Самуд Два претставува важно разоружување и оти не се најдени докази дека Ирак ја рестартирал програмата за развој на нуклеарното оружје.

„Барам од Секретаријатот да разгледа амандман со кој ќе се прецизира натамошниот период за прифаќање резолуција која ќе биде последната можност за Ирак да се разоружа.“

изјави британскиот министер Џек Строу во врска со предлогот што беше поддржан од Соединетите Држави и Шпанија. Американскиот амбасадор во Обединетите Нации Џон Негропонте побара од земјите членки на Советот веќе од идниот вторник да бидат подготвени да гласаат за нова резолуција со која би се одобрила автоматска употреба на сила против Ирак. Државниот секретар Колин Пауел и со предупредување до Советот.

„Доколку не ги прифатиме нашите одговорности, ќе страдаат кредибилитетот на овој Совет и неговата способност да се справи со критичните предизвици со кои се соочуваме.“

изјави Пауел. Од друга страна, ирачкиот амбасадор во Обединетите Нации Мухамед Ал Дури повтори дека ултиматумот е маска за вистинските намери на Вашингтон и Лондон.

„Овa е обид да се измешаат работите. Ова е обид да се скрие вистинската агенда на Соединетите Држави и Британија во врска со Ирак – контрола на ирачката нафта.“

Американската интенција е да се обезбедат потребните девет гласови со кои, доколку изостане ветото од Русија Франција и Кина, таа резолуција ќе мине во Советот за безбедност. Меѓутоа, министрите за надворешни работи на Франција и на Русија веднаш изразија спротивставување:

„Не можеме да прифатиме каков било ултиматум, каква било употреба на сила. Тие како краен рок го даваат 17-ти март, што значи за десет дена. Не мислиме да одиме во војна.“

изјави Доминик де Вилпен. Рускиот министер Игор Иванов пак, оцени дека крајниот рок е непотребен и неоправдан ултиматум.

„Разбирливо ли е да се прекинуваат инспекциите во овој момент кога веќе се одвива ирачкото разоружување?“

На истиот став е и Кина чиј министер за надворешни работи Танг Џија-суан рече дека нема причини да биде затворена вратата на мирот.
XS
SM
MD
LG