Достапни линкови

Расправа за најновиот извештај на Бликс


Советот за безбедност на Обединетите Нации денеска ќе расправа за најновиот извештај на инспекторите за ирачкото разоружување. Претставниците на некои земји – членки на Советот сметаат дека од извештајот ќе зависи нивниот став дали да ќе ја подржат предлог-резолуцијата за употреба на сила или ќе бараат продолжување на инспекторската мисија.

На оваа седница на Советот за безбедност се гледа како на последна фаза од дебатата дали ќе биде авторизирана војната против Ирак. Шефот на инспекторската мисија Ханс Бликс треба да го образложи извештајот за процесот на ирачкото разоружување, кој досега се оценува како многу ограничен. Ирак ги уништува проектилите Ал Самуд 2 и според Франција тоа е знак дека инспекцијата функционира и треба да продолжи. Францускиот амбасадор во Обединетите нации Жан Марк Де Ла Саблиер оцени дека оваа седница на Советот е клучна.

„Тоа ќе биде важен момент бидејки го чекавме овој извештај и пресудно ќе биде она што ќе го кажат Бликс и Ел Барадеи.“

Соединетите Држави, Велика Британија и Шпанија предлагаат нова резолуција во која би се констатирало дека Ирак ја не ја искористи и последната можност за мирно разоружување и оти мора да се соочи со последиците. Франција, Русија и Германија бараат засилување на инспекторската мисија. Американските претставници тврдат дека имаат овластување за воена интервенција против Ирак и без нова резолуција, бидејки Багдад не ги исполнил своите обврски. Над 225 илјади американски војници веќе се наоѓаат во Персискиот залив. Рускиот министер за надворешни работи Игор Иванов изјави дека според последната резолуцијата на Советот за безбедност, употребата на сила не е дозволенa. Американскиот амбасадор Џон Негропонте изјави дека се прават напори новата резолуција да добие подршка во Советот.

„Ние сметаме дека предложивме разумна резолуција во која се заклучува дека Ирак не ги исполни обврските и сметаме дека е време Советот да донсе одлука.“

Франција, Русија и Кина, земји со право на вето, се главните противници на употребата на сила, како и Германија и Сирија. Американската позиција ја подржува Бугарија, а 6 непостојани членки на Советот се воздржани. Пакистанскиот амбасадор Мунир Акрам изјави дека неговата земја сеуште е во дилема.

„Ние треба да бидеме одговорни спрема нашето јавно мислење, но исто така и спрема нашите национални интереси.“

Чиле и Мексико сметаат дека е добар канадскиот предлог, според кој финалниот извештај на инспекторите за оружје треба да биде поднесен на 28-ми овој месец, а Советот за безбедност три дена подоцна да се изјасни дали Ирак ги исполнил своите обврски за разоружување.
XS
SM
MD
LG