Достапни линкови

logo-print

Голем удар за Ал Каеда


Пакистанските разузнавачи успеаја да го уапсат Калид Шеик Мухамед обвинет од Вашингтон дека бил оперативен шеф на терористичката мрежа Ал Каида. Се смета дека тоа е голем удар врз групата на Осама бин Ладен.

Пакистанските разузнавачи во минатата сабота влегоа во една семејна куќа во градот Равалпинди од каде што, како што јавија агенциите, мирно излегле со три уапсени лица. Еден од нив бил Калид Шеик Мухамед кого Соединетите Држави го бараат уште од 1996 година. Од септемвриските терористички напади врз Америка, за ЕФ БИ АЈ тој беше најбараниот терорист, бидејќи се смета дека тој ги испланирал тие напади во кои загинаа околу три илјади луѓе. Соединетите Држави со воодушевување ја примија веста за неговото апсење. Тоа, според Вашингтон, ќе ги намали критиките во светот дека американската администрација, преокупирана со можната војна со Ирак, не се труди доволно околу војната против тероризмот. Американскиот сенатор Пет Робертс, претседател на конгресниот комитет за разузнавање вели:

„Ова е џиновски чекор назад за Ал Каида. Ова мора да испрати порака до Ал Каида која се подготвува на пролетна офанзива во Авганистан. Сега нејзиниот главен командант едноставно е надвор од тие операции.“

На исто мислење е и Магнус Рансторп – директор на Центарот за тероризам при Шкотскиот Униврезитет кој додава дека станува збор за трета најважна лишност во Ал Каида по Осама Бин Ладен и египеќанецот Ал Завахири.

„Мислам дека тоа е многу значајно. Можете да замислите – шефот на воениот комитет, главниот ум на операциите. Кога ќе го исфрлите него од равенката сигурно е дека тоа ќе има голем ефект врз способноста на Ал Каида.“

Калид Мухамед е роден во 1965 година во Кувајт. Тој како син на пакистански имигрант растел во сосема поинаква средина од онаа на богатите кувајчани. Тој студираше за инжењер во американската држава Северна Каролина и, според разузнавачките информации, тогаш тој не покажувал никакви знаци на радикализам. И стана познат на американската јавност во 1996 година кога Вашингтон соопшти дека тој учествувал во заговорот за уривање дванаесет американски цивилни авиони над Пацификот. Калид Мухамед исто така се товари за организирање на неколки терористички напади, меѓу другите и за оние врз американските амбасади во Кенија и Танзанија во 1998 година. За неговото апсење Вашингтон ветуваше награда од 25 милиони долари.
XS
SM
MD
LG