Достапни линкови

Нема откажување од барањето за претворање на конвертибилните сертификати во обврзници


Нема да се откажеме од ветувањето на претходната влада конвертибилните сертификати да бидат претворени во обврзници или нашиот случај да биде вметнат во законот за заробени девизи е ставот на претседателот на иницијативниот одбор на пропаднатата штедилница ТАТ Ѓорѓи Вељанов.

„Владата на Црвенковски треба да биде принципиелна и она што го вети пред изборите да го оствари. Се вели, човек за збор, куче за синџир се држи.“

Аргументот на владата е, ние би сакале ветеното да го исполните, но меѓународниот монетарен фонд не ни дозволува да го сториме тоа. Во меѓувреме немаме никаков контакт со владините функционери, освен лошиот абер од заменик министерот за финансии дека сертификатите никогаш нема да се претворат во обрзници.

„Кокаровски ако не знае за тоа што го вети носителот на листата од изборната единица број 5 Никола Поповски кој е од истата партија, може да го праша и да се консултира.“

Конвертибилните сертификати имаат рок на важност од само две години, значи до јуни 2004 година, дотогаш штедачите треба да ги продадат на берзата или да ги употребат за купување акции од државниот капитал. Доколку во овој период не искористат една од овие опции нивната вредност пропаѓа. За разлика од сертфикатите обврзниците имаат рок на зреење десет години по кој период нивните сопственици ќе ја добијат целосната вредност на обврзниците во номинален износ. Доколку владата навремено не реагира од иницијативниот одбор повторно најавуваат организирање на митинзи и штрајкови.

„Ќе имаме собрание, ќе ги собереме штедачите, ќе разговараме со нив и ќе видиме, може да организираме митинзи, а може и да излеземе пред владата.“

И како по правило, и во случајот на ТАТ штадачите се поделија, екс лидерите на татовци Кире Ковачев и Менде Младеновски сметаат дека тоа што го ветиле го реализирале и нема потреба од никави нови барања. Ѓорѓи Вељанов со став:

„Тој нема што да се меша, тој беше партиски војник на претходната власт. Тој не е ни штедач може да ви кажам, тој само профитира преку тие митинзи.“

Доколку конвертибилните сертификати не бидат претворени во обврзници според пресметките на штедачите тие би биле оштетени за околу 50 милиони евра.
XS
SM
MD
LG