Достапни линкови

Во арапските земји немаше големи анти воени протести


Постоеја многу шпекулации дека арапското јавно мислење ќе експлодира во големи протести околу американските подготовки за војна против Ирак. И покрај тоа таканаречената арапска улица главно остана мирна. Што за тоа мислат експертите.

Во Европа, Австралија и Америка на 15-ти февруари беа одржани најголемите антивоени маршеви од војната во Виетнам. Истиот тој ден Блискиот Исток остана мирен. Имаше протести во Египет, Ирак, Јордан, Сирија, но таму се собраа само неколку илјади демонстранти. Тоа предизвика многу експерти да се запрашаат зошто е така, особено ако се знае дека арпското јавно мислење смета дека секоја американска интервенција врз Ирак е војна против братскиот муслимански народ.

„Повеќето, ако не и сите арапски режими се деспотски и репресивни спрема нивните народи. Затоа на луѓето не им е дозволено слободно да ги искажат своите чувства.“

вели Махер Отман - дописник за Ал Хајат – арапски весник кој излегува во Лондон. Тој додава.

„Повеќето од овие влади примаат американска поддршка и затоа тие дозволуваат само симболичен број луѓе да излезат на улиците. Тие не дозволуваат масовни, големи демонстрации.“

Регионалниот експерт Нил Пaртрик се согласува со ваквото мислење.

„Особено земјите како Јордан, кои се чувствуваат попогодени од ирачката криза од другите земји како Египет и Саудиска Арабија многу ефективно ги смирија демонстрациите.“

наведува Партрик кој една од причините за ваквото однесување ја гледа во тоа што некои влади во регионот веќе сметаат дека не можат ништо да сторат за да ја спречат војната против Ирак. Сегашниот недостиг на улични протести е драматичен контраст на изминатите години кога арапите на Блискиот Исток демонстрираа за укинување на санкциите на Обединетите Нации врз Багдад. Дел од посматрачите сметаат дека за разлика од тогаш, денес арапите имаат зголемени симпатии спрема обичните ирачани, но не и спрема Садам Хусеин. Напротив, тој сега, како што велат експертите, од многумина во арапскиот свет се обвинува дека му дава причина на Запад да го нападне и окупира Ирак.
XS
SM
MD
LG