Достапни линкови

Испитување на уставноста


Предметот веронаука што на принцип на факултативна настава беше воведен во основните училишта за време на претходната влада ќе биде ставен на преоценување.

„Оценивме дека има потреба да ги добиеме податоците за досегашната активност на овој план. Ние го затекнавме овој процес и ќе го испитуваме. Постои иницијатива од природно - математичкиот факултет за укинување.“

Причините поради кои ќе се преиспитува потребата од изучување на веронауката во училиштата Керамичиевски ја објаснува на повеќе начини:

„Имаме толкувања од соодветни инстиуции дека тоа не е уставно, бидејќи по устав црквата е одделена од државата, можеби ќе се бара и мислење од уставниот суд.“

Очекувано МПЦ не се согласува со ваквите гледишта. Според портпаролот Тимотеј, верата во истовреме е и знаење и таа како историјата, музиката или пак биологијата треба да се учи.

„Од часот по веронаука нема да научи ништо лошо. Не кради, не лажи, почитувај стар, почитувај културни блага што се вели на својот народ и на другите народи.“

Во врска со иницијативата што ја потегна научно-наставниот совет на природно математичкиот факултет за укинување на предметот веронаука со образложение дека меѓу другото ќе се спротистави црквата и науката за потеклото на светот и на животот, портпаролот на МПЦ вели:

„Во краен случај не мора да учат. Ако сака детето на некој да му биде дека е од мајмун тоа е негово право, нека го учи дека е од мајмун. Ние веруваме дека 99 насто од нашиот народ верува дека господ го создал.“

Претставникот на исламската верска заедница Јакуб Селимовски смета дека запознавањето со религиозната култура на луѓето им е потребна поради надминување на недоразбирањата меѓу младите по минатогодишниот конфликт.

„Ако дојде до спречување на изучувањето на веронаука значи дека не постои политичка волја на субјектите коишто се на власт. Сето ова другото е само да се оправда непостоењето на политичката волја,“

оценува Селимовски.

Што се однесува на досегашниот одзив на учениците за посетување на веронаука во министерството за образование со следниве податоци:

„Висок е процентот на одзив во муслиманската вероисповед во западниот дел на Македонија, а процентот на одзивот од православна вера не е голем. Не е ниту еден насто,“

вели заменик министерот за образование Тане Керамичиевски.
XS
SM
MD
LG