Достапни линкови

САД не гледаат знак на соработка, Русија нема да прифати нова резолуција на ОН


Ирак во принцип прифати да ги уништи забранетите ракети Ал Самуд Два. За Вашингтон тоа не претставува знак на соработка, а Москва најави дека нема да поддржи нова резолуција на Советот за безбедност која би водела кон воено решавање на ирачкиот проблем.

Ирачките власти во писмото до шефот на инспекторите на Обединетите Нации Ханс Бликс наведуваат дека таа земја начелно го прифаќа барањето за уништување на ракетите. До ова писмо дојде само ден пред истекот на рокот што Бликс му го даде на Багдад за да започне да ги уништува ракетите Ал Самуд Два, бидејќи тие имаат триесет километри поголем дострел од дозволените 150 километри. Американскиот претседател Џорџ Буш најновото прифаќање го оцени како дел од ирачката измамничка кампања:

„Дискусијата за овие ракети е дел од неговата кампања на измами. Гледате, Хусеин ќе рече: ,,Јас нема да ги уништам ракетите,, и потоа ќе го смени мислењето овој викенд, ќе ги уништи и ќе изјави: ,,Јас се разоружав,,. Ракетите се само дел од проблемот. Единственото прашање е тотално и комплетно разоружување што тој одбива да го стори.“,

изјави претседателот Џорџ Буш. И за американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд последната согласност на Багдад не е знак за соработка. ,,Не гледам дека нешто се измени. Тие, кога ќе видат дека притисокот се зголемува велат – добро можеби нешто малку ќе сториме,, - оцени Рамсфелд. Во меѓувреме шефот на руската дипломатија Игор Иванов на денешната прес конференција во Пекинг изјави дека Москва нема да поддржи нова резолуција на Советот за Безбедност со која, како што рече, директно или индиректно се отвора патот за воено решение на ирачкото разоружување.

„Денес ние ги имаме сите неопходни услови проблемот да го решиме со политички средства. И меѓународната заедница не смее да ја пропушти таа можност.“

рече Иванов додавајќи дека ако биде потребно да се зачува безбедноста во светот Русија ќе го искористи своето право на вето во Советот за безбедност. Притоа тој експлицитно не наведе дека станува збор за Ирак. Министерот Иванов побара обединување на Советот за Безбедност чии членки, околу ирачката криза, се поделија на два табора.
XS
SM
MD
LG