Достапни линкови

Новиот режим во Ирак ќе биде пример за другите народи на Блискиот Исток


Американскиот претседател Џорџ Буш во говорот пред Ентерпрајз институтот во Вашингтон, што беше телевизиски пренесуван, изјави дека новиот режим во Ирак ќе послужи како драматичен и инспирирачки пример за другите народи на Блискиот Исток.

„Првите кои ќе добијат од слободен Ирак ќе бидат самите ирачани. Денес тие живеат оскудно и уплашено под диктатор кој им донесе ништо друго освен војна, мизерија и тортура.“

изјави претседателот Буш, додавајќи дека по војната за отстранување на Садам Хусеин, Соединетите Држави ќе сторат се да обезбедат да не се случи еден, како што рече, брутален диктатор да биде заменет со друг.

„Успехот во Ирак би можело да биде почеток на нова етапа за Блискиот Исток и ќе придонесе за развојот на вистинска демократска Палестинска држава.“

Според аналитичарите, говорот на Буш претставува уште еден знак дека Соединетите Американски Држави ќе тргнат во војна против Ирак. Претходно, ирачкиот претседател Садам Хусеин разговараше во Багдад со гувернерите и градоначалниците околу подготовките за одбрана од евентуалниот американски напад.

„Повеќе од ирачките борци ќе речат Дозволете им на американците да дојдат до градовите. Но, јас ќе речам – држете го ѓаволот подалеку. Се надевам дека тие нема да дојдат на ирачката земја.“

изјави Хусеин. Во меѓувреме, Кина и Русија го повторија нивниот став дека војната може и би требало да биде спречена. Во заедничката изјава на министрите за надворешни работи на двете земји Игор Иванов и Ху Џинтао, по нивната средба во Пекинг, се наведува дека на инспекторите на Обединетите Нации во Ирак треба да им биде дадено повеќе време во потрагата по оружје за масовно уништување. Против воената разврска на ирачкиот проблем се изјаснија и 199 од 659-те членови на британскиот парламент. Станува збор за пратеници од редовите на лабуристичката партија на премиерот Тони Блер кои исто така ги поддржаа напорите на Обединетите Нации за мирно разоружување на Ирак.
XS
SM
MD
LG