Достапни линкови

До крајот на годината апликација за членство во Унијата


Најавите на Македонија дека размислува до крајот на годинава да поднесе кандидатура за членство во Европската Унија дадени како изјава на македонската министерка за надворешни работи Илинка Митрева по разговорите со европската тројка во Брисел всушност говорат дека во овој период ни претстои многу работа коментира претседателката на собраниската комисија за надворешни работи Теута Арифи:

„Ние сметаме дека што порано се поднесе кандидатура тоа е подобро. Тогаш дефинитивно ќе треба многу повеќе да работиме на деловите и обврските што ги имаме од договорот за стабилизација и асоцијација и сметаме дека токму тогаш ќе биде приоритет брзата имплементација на охридскиот договор. Сметам дека тој процес на почнување на процесот на членување во ЕУ е сложен и комплициран процес. Искуството на Словенија покажува колку работи требаше администрацијата да преземе. Затоа пред нас ќе биде голема и тешка задача, затоа што процесот на членување не е прост, туку сложен што бара голем ангажман што треба да го покажеме.“

Освен рамковниот договор што е своевидна специфика на македонските европски перпективи, вообичаено една од клучните задачи врз основа на кои земјата се оценува како можен кандидат е прилагодувањето на домашното со законодавството на Унијата. Станува збор за обемна работа, вели професор Татјана Петрушевска:

„Во најоптимистичките варијанти се работи за 80,000 страници текст, некои зборуваат за 120,000, а според најпесимистичките варијанти се работи за волуменозен текст меѓу 180,000 и 220,000 страници.“

А од упатените во Брисел препораки: треба да се биде внимателен за моментот што ќе се избере за формалното поднесување кандидатура иако нема причини за непостоење на такви планови.

„Тоа е долгорочен процес и со оглед што европското членство е стратешка цел на вашата земја мислам дека би требале да работите на тоа, дипломатски заедно со европските институции, за да се постигне формален консензус пред да го поднесете барањето за кандидатура. Бидејќи една работа е формалното барање, а сосема друга претходното добивање потврда, признавање и прифаќање во самата Унија и земјите членки. Тоа бара малку подолги подготовки и дипломатски активности во таа насока.“

оцени Георгана Начева аналитичар на влијателната институција за централно европските политички студии во Брисел.
XS
SM
MD
LG