Достапни линкови

Без пардон за сите вмешани во криминал


Нема пардон за оние што се замешани во криминал, дури и ако се обидуваат да се оправдаат со наводната борба за национални интереси затоа што криминалот едноставно не може и не смее да биде неосуден, укажуваат експертите коментирајќи ја актуелната безбедносна состојба во земјава.

„Таквите криминогени појави во краен случај ја бламираат и целата наша заедница, а не само одредена групација или нација“.

Вели професорот по право Осман Кадриу. Акциите на државата против криминалот и насилството мора да се поддржат:

„Тука пардон не треба да има. Тоа се деликти кои се инкриминирани не само во нашето национално законодавство, туку во секој современ правен поредок, во секое современо законодавство. Според тоа, за тоа што е криминал и кривично дело, треба уште поголема ангажираност за сузбивање на тие појави“.

Вели Кадриу барајќи од државата да работи за сигурноста на секој граѓанин и преку правната држава да се бори против несовршеностите што може да ја загрозат.

„Ако органите не ни функционираат како што треба – и истражните органи, и органите за прогон, и обвинителствата, па и судовите каде што се завршуваат тие процеси – тогаш сигурно вакви појави ќе имаме и во иднина“.

Еден од примерите е закон за собирање на оружјето.

„Тој закон треба да се донесе под итна постапка и треба да има неколку одредби. Евидентно е дека во населението има многу оружје“.

Една од задачите на владата според Кадриу е и да ја зајакне одговорноста во општеството:

„За да може тоа да се обезбеди, најпрвин треба да се заврши процесот на заокружување на сите полиња во врска со правните прописи кои треба да се донесат, и второ, треба да се настојува да се обезбеди тие прописи да ги почитуваат сите граѓани. А се разбира треба да се почитуваат и од страна на државните органи“.
XS
SM
MD
LG