Достапни линкови

logo-print

Во Тетово нема Македонци на јавни функции


Во јавните претпријатија на општина Тетово нема ниеден раководител од македонска националност, откако на последната седница на советот на општината беше сменет директорот на авто транспортното претпријатие Теодосие Ангелковски со што јасно е прекршен принципот за правична застапеност на заедниците промовиран во новиот закон за локална самоуправа.

Во моментов сите директори се од албанска националност, а исто е и во општинската администрација каде сите функционери се Албанци. Застапеноста на другите етнички заедници покрај македонската, Ромите, Србите и Турците практично и не постои.

Ваквата фактичка состојба ја потврдува и претседавачот на советот на општина Тетово Асан Дума кој изјави дека состојбата ќе се промени на една од наредните седници на советот на општината. Очекуваме и од премиерот акциониот план на владата за вработување соодветно да функционира во сите институции, а не да се бара виновникот во општина Тетово, изјави претседавачот на советот кој е избран на функцијата како совентик на ДПА, партија која ја контролира локалната самоуправа.

„Ние цениме дека ако на следните седници на советот ќе бидат одредени некои раководни сттруктури од македонска припадност тоа ќе биде во интерес на локалната самоуправа или на јавните претпријатија. Тоа треба да бидат стручни компетентни лица кои ќе ги водат овие јавни претпријатија. Тоа не е потег што ќе треба да се врши под пресија на централната власт, бидејќи централната власт има големи проблеми,“

вели Дума.

Нивниот коалиционен партнер на локално ниво ВМРО-ДПМНЕ смета дека процентуалната застапеност на Македонците не е на ниво кое би ги задоволило интересите на Македонците во овој регион, вели секретарот на општиснкиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Ѓоко Серафимовски. Тој додава:

„Ако се направи анализа, може да се види дека Албанците се повеќе и повеќе застапени во институциите на системот и дури и повеќе од бројката која ја претставуваат на ова подрачје. Сметам дека со ваквата кадровска што се води во западна Македонија се прави голема штета на македонското национално ткиво и на Македонците воопшто.“

На неодамнешната средба на македонскиот и албанскиот министер за локална самоуправа во Тетово, министерот Александар Гештаковски изјави дека владата на Република Македонија покрај децентрализацијата на власта, како еден од приоритетите во имплементацијата на охридскиот договор во иднина ќе посвети големо внимание на рамнотежата во застапеноста на Албанците и другите заедници во западна Македонија.
XS
SM
MD
LG