Достапни линкови

Повик до Ирак за целосна соработка со инспекторите на ОН


Лидерите на Европската Унија го повикаа Ирак целосно и неодложно да соработува со инспекторите за оружје на Обединетите Нации и оти употребата на сила против режимот во Багдад е последната опција. Во завршната изјава по самитот на Унијата во Брисел, посветен на надминување на меѓусебните разлики во врска со ирачката криза, Германија ја прифати формулацијата за можна употреба на сила како крајно средство, но не и ставот дека времето за Багдад истекува. Германскиот канцелар Герхард Шредер изјави дека Ирак треба да биде разоружан на мирен начин, но додаде оти неодамнешните судири на Балканот покажале дека не смее целосно да се отфрли и примената на сила.

„За нас е многу важно да го одбереме речникот, кој ќе им даде време на инспекторите.“

Британскиот премиер Тони Блер изјави дека и покрај разликите, на Ирак му е испратен јасен сигнал дека ова му е последна можност за мирно разоружување.

„Мислам дека најважно за нас во Европа е дека е испратена силна и едниствена порака, - Ирак ќе биде ослободен од оружјето за масовно уништување. Тоа ќе биде сторено мирно или со конфликт.“

Францускиот претседател Жак Ширак оцени дека сите меѓу-европски недоразбирања не се надминати, но оти мини кризата во Европската Унија е пребродена. Ширак упати критики до земјите кандидати за членство во Унијата, кои зазедоа про-американски став во врска со Ирак.

„Мислам дека тие се однесуваа со извесна доза на несериозност бидејки приклучувањето во Европската Унија значи и консултации со другите, а не искажување на сопствените ставови без почитување на мислењето на останатите членки.“

Лидерите на Европската Унија нагласија дека соработката со сите меѓународни партнери, а особено со Соединетите Држави, е исклучително важна за разоружувањето на Ирак, како и за мирот и стабилноста во регионот.
XS
SM
MD
LG