Достапни линкови

Поделеност околу кризата во Ирак


Лидерите на Европската Унија ќе се состанат во Брисел на итен самит посветен на кризата во Ирак свикан од претседавачот Грција. Самитот е свикан за координација на дејствувањето во следните пресудни недели. Имајќи ја предвид поделеноста на Европа околу евентуалната војна во Ирак доближувањето на двата блока изгледа тешко.

Предвидувањата на сите, освен на најоптимистичките аналитичари, за претстојниот самит на Европската Унија посветен на Ирак е дека ќе биде неминовен неуспех. Некои одат до таму што предвидуваат срамен исход. Причината за ова е целиот спектрум погледи на идејата за воена интервенција во Ирак што ја предводат Соединетите Американски Држави. Велика Британија е на ставот дека Садам Хусеин ја прекршил резолуцијата 1441 на Обединетите Нации и ќе и се приклучи на Америка во евентуалната војна. Шпанија, Португалија, Италија и Данска неодамна со писмо ги поддржаа Соединетите држави. Од друга страна, Германија јавно рече дека нема да поддржи војна во Ирак во никој случај. Пред неколку дена германскиот шеф на дипломатијата Јошка Фишер во долниот дом на Бундестагот рече дека Ирак не ја прекршил резолуцијата на ОН. Канцеларот Герхард Шредер пак рече дека војната не смее да стане средство во меѓународната политика. Тој рече:

„Ирак дефинитивно не поседува нуклеарно оружје. Исто така не поседува лансирачки систем што би можел да лансира проектили што ги нема до некоја мета. Има индикации дека е можно Ирак да има услови да произведува друго оружје за масовно уништување и тоа е причината поради која рековме дека инспекторите кои се таму мора да работат подолго за да дознаеме дали и што Ирак поседува. И мора да бидеме сигурни дека ако Ирак поседува такво оружје истото ќе биде уништено според резолуцијата 1441.“

Франција исто така се спротиставува на војна и во изминатата недела беше главна пречка при разговорите на НАТО во Брисел за плановите за одбрана на Турција во случај на евентуална војна во Ирак. Белгија, Луксембург и Грција со ставовите се блиску до Франција и Германија. Изгледа дека Грција намерно презема ризик свикувајќи ги европските лидери и шефови на дипломатиите на состанок во Брисел. Според грчки претставници во случај на незаземање заеднички став околу Ирак Европската Унија може да се соочи со длабока криза.

Според аналитичарите, во вакви ситуации Европската Унија обично зазема необврзувачки став на така наречен „најмал заеднички содржател“. Ова сепак не изгледа како можна опција, имајќи ја предвид судбината на последниот заеднички став на Европската Унија за Ирак заземен кон крајот на јануари што беше нарушен од петте земји членки на Унијата што потпишаа писмо за поддршка на Соедниетите Држави.

Едно од можните решенија се врти околу тоа дека дури и Британија претпочита втора резолуција на Обединетите Нации пред Ирак да биде нападнат. Како и да е, за ова ќе биде потребно Франција да се откаже од противењето за нова резолуција. Таа е една од двете земји членки на Европската Унија што има право на вето во Советот за безбедност. Многумина француски аналитичари се сомневаат дека претседателот Жак Ширак може да направи такво нешто имајќи го предвид анти-военото расположение на јавноста во Франција.
XS
SM
MD
LG