Достапни линкови

Советот за безбедност остана поделен


Советот за безбедност на Обединетите Нации, по извештајот на шефовите на инспекторските тимови за оружје Ханс Бликс и Ел Барадеи, остана поделен околу ирачкото прашање. Земјите-членки на Советот со право на вето Русија, Франција и Кина го повторија барањето за продолжување на работата на инспекторите во Ирак.

„Да им дадеме на инспекторите на Обединетите Нации доволно време со цел успешно да ја завршат мисијата. Франција сугерира уште еден состанок на вакво ниво на 14-ти март за разгледување на ситуацијата.“

изјави шефот на француската дипломатија Доминик де Вилпен, чиј став беше поддржан од неговиот руски колега Игор Иванов.

„Имаме единствена шанса колективно да го решиме овој најгорлив светски проблем со политички средства и со почитување на повелбата на Обединетите Нации. Ова шанса е реална и не смееме да ја пропуштиме.“

Соединетите Држави и Британија, од друга страна, останаа на своите ставови дека нема да се постигне ништо со продолжување на инспекциите во Ирак.

„Она што ни треба – не се повеќе инспекции, она што ни треба е итна, активна и безусловна целосна соработка од страна на Ирак. Ни треба ирачко разоружување.“

„Ако решиме да дадеме неограничено време за мала или никаква содржинска соработка, тогаш разоружувањето на Ирак и мирот во светот, за што сме одговорни, нема да бидат полесни, туку многу потешки. “


изјавија во Советот за безбедност американскиот државен секретар Колин Пауел и шефот на британската дипломатија Џек Строу. Секретарот Пауел во интервју за Си-Ен-Ен потоа наведе дека американската одлука за Ирak е прашање на недели. ,,Постои надеж за мир, но нема да го постигнеме ако се откажеме од притисокот,, рече Пауел. Американскиот претседател Џорџ Буш, по извештајот на инспекторите за оружје дека во Ирак не откриле оружје за масовно уништување, изјави

„Садам Хусеин има оружје за масовно уништување. Тој продолжува да го мами светот. Хусеин има врски и со треористичките мрежи. Тој е опасност и затоа ние ќе го разоружаме на еден или на друг начин.“

Во меѓувреме, заменик ирачкиот премиер Тарик Азиз ја изрази готовноста на неговата земја да ја продолжи соработката со инспекторите за оружје и го отфрли повикот на Осама бин Ладен упатен до муслиманите да му помогнат на Ирак во случај на американски напад врз таа земја. Сепак тој упати предупредување до европските земји да не ја поддржуваат евентуалната војна против Ирак.

„Учеството на христијанските земји во таквата војна би било протолкувано како крстоносна војна против Арапите и против Исламот.“

рече ирачкиот заменик премиер Тарик Азиз, кој инаку е христијанин, по средбата во Ватикан со Папата Јован Павле Втори.
XS
SM
MD
LG