Достапни линкови

Алексис Брунс, специјален пратеник на ЕУ во Македонија. Решавање на амнестијата со усвојување закон за соработка со Хашкиот трибунал


Амбасадоре каква е вашата прва реакција на веста од господинот Џафери дека нема да учествува на лидерската средба?

Бев разочаран. Мојата прва реакција беше разочараност. Јас навистина се надевав дека и тој ќе учествува бидејќи е многу важно сите потписници на рамковниот договор да ги одржат своите ветувања и да останат вклучени во натамошното спроведување на договорот. Но тие решија да не дојдат, и ние ќе мора да работиме без нив. Животот продолжува, а и спроведувањето на договорот и во врска со ова сите треба да ја имаат предвид својата одговорност . Јас контактирав со Џафери. Се обидов да го убедам дека навистина неговото недоаѓање ќе биде лош сигнал но не успеав во тоа. Се надевам дека тој ќе учествува на следниот состанок и оти ова е само привремена суспензија. Исто така забележав дека тој воопшто не го става под прашање исполнувањето на рамковниот договор како таков. Тоа е важно да се каже.

Еден од аргументите поради кои партијата на Џафери не учествува е толкувањето дека законот за аменстија не се почитува. Каков е вашиот став за овие аргументи?

Како што знаете мировниот процес во оваа земја има два столба: рамковниот договор и амнестијата. Меѓународната заедница е гарант на двете нешта, а таа ги исполнува своите заложби и ветувања. Сега работиме на решавање на некои проблеми поврзани со законот за амнестија, се разбира со потполна соработка со македонските власти и хашкиот трибунал. Убеден сум дека ќе најдеме решение.

Можете ли да бидете поконкретни за какво решение станува збор?

Мислам дека еден од можните излези од сегашните потешкотии е усвојување на закон за соработка меѓу македонија и меѓународниот суд во Хаг.
Што очекувата од предстојната средба
Мислам дека е важно таа да се одржи. Прво затоа што така е договорено на последната средба. Второ како што знаете владата го усвои акциониот план за имплементација и ова ќе им даде можност на партиските лидери да бидат информирани, да разменат мислења да го изразат својот став, да ги утврдат приоритетите во усвојувањето на законите и се разбира да испратат порака дека сега е момент за сите политички партии да го забрзаат спроведувањето на договорот.

Ќе разговарате ли за конкретни датуми кога некои закони би биле усвојувани во собранието?

Се надевам дека сите закони што не се поврзани со децентрализацијата ќе се усвојат во најкус можен рок. Би рекол да се надеваме за два месеца од сега.
XS
SM
MD
LG