Достапни линкови

Ристо Никовски, Државен секретар во МНР. Заеднички надежи на Македонија, Албанија и Хрватска за членство во НАТО


Македонија, Албанија и Хрватска заеднички во надежите да влезат во НАТО. Денешната претседателска средба во Тирана ќе придонесе за забрзување на тој процес – вели за Радио Слободна Европа државниот секретар во македонското министерство за надворешни работи Ристо Никовски. Според него, на следниот самит на НАТО можно е овие три земји да добијат покана за членство во Алијансата.

Господине Никовски, колку соработката меѓу Хрватска, Македонија и Албанија може реално да ги зголеми нивните шанси за членство во НАТО?

Мислам дека трите земји заедно можат многу да постигнат. Тоа го потврди и Вилнус групата, каде што десетте членки максимално ја искористија својата шанса и, како што е познато, седум од нив веќе имаат покана за членство во НАТО. Мислам дека со заеднички напори Македонија, Албанија и Хрватска можат многу да постигнат и да го забрзаат тој процес на приближување кон НАТО. Мислам дека објективно е да очекуваме на следниот самит на НАТО и овие три земји да добијат покана за членство?

Значи ли ова дека поканата за Македонија на следниот самит на НАТО е извесна, да не речам сигурна?

Во политиката ништо не е сигурно, но ми се чини дека терминот извесно секако држи бидејќи она што беше клучно за нас на самитот во Прага е дека вратата останува отворена, дека ние сме тука, дека нашите аспирации се апсолутно реални и мислам дека ако ние ја завршиме нашата домашна работа во овој период што ни претстои, и ја интензивираме со нашите партнери од регионот – пред се со Хрватска и Албанија – можеме да бидеме оптимисти.

На што ќе биде фокусирана соработката?

На сите области. И во цивилната, и во воената компонента, и во координирањето на напорите, и во јавната промоција на овие напори што е многу важно, бидејќи ако немаш широка поиддршка, тоа е одреден хендикеп. Тука спаѓа и економската сфера, и човековите права, и криминалот и корупцијата, одвоено, нормално, од она што е прилагодување и реформа на воените сили.

САД се јавуваат како своевиден ментор, или спонзор на оваа јадранска иницијатива. Повелбата за соработка ќе биде потпишана во Вашингтон напролет. Колку американското партнерство му дава тежина на овој процес?

Тие се генераторот на ова приближување. Како што е познато, тие се клучна земја во НАТО, а сето ова произлегува од средбата на претседателот Буш со претседателите на нашите три земји, која беше одржана на маргините на самитот во Прага. Тогаш беше договорено овој процес, започнат со Вилнус групата, да продолжи, да се концентрира на нашите три земји и максимално да го промовира нашето приближување кон НАТО.
XS
SM
MD
LG