Достапни линкови

Многу малку заедничко за говорење во еден глас


Десетте земји-аспирантки за НАТО познати како Вилнус група се појавија на меѓународната сцена со нивната заедничка поддршка на Соединетите Држави околу ирачкото прашање. Претходно таква поддршка дојде и од Чешка, Унгарија и Полска. Официјален Вашингтон овие 13 земји ги нарече дел од Нова Европа. Но аналитичарите сметаат дека и покрај нивниот интерес за американски безбедносни гаранции, земјите од Вилнус групата имаат многу малку заедничко за во иднина да говорат во еден глас.

Поддршката на земјите од Источна и Централна Европа за американската позиција околу Ирак дојде како светлина во моментот кога се зголемија тензиите меѓу Америка и некои нејзини западноевропски сојузници, како Франција и Германија. Аналитичарите велат дека заеднички именител на поддршката од овие земји е нивната потреба од безбедносни гаранции од НАТО и во крајна линија од Соединетите Држави.

„Секоја од овие тринаесет земји знаат дека нивната цела иднина, безбедност и независност е во функција на членството во НАТО, алијанса предводена од Обединетите Нации. Повеќето од овие земји гледаат на нивното членство во НАТО како на начин да станат сојузници со Соединетите Држави.“

вели Влад Сокор од Вашингтонскиот Институт за стратегиски и политички науки. Вилнус групата беше формирана пред три години со декларирана цел меѓусебна поддршка во напорите да влезат во НАТО. Седум од нив обезбедија покани за тоа на Прашкиот самит, додека Македонија, Албанија и Хрватска се уште се надеваат дека ќе станат членки на Алијансата. Затоа, сметаат анлаитичарите, нивната поддршка на Вашингтон можеби и не е толку изненадувачка. Но, прашањето е дали сега кога повеќето земји ја постигнаа целта Вилнус групата во иднина ќе може да говори во еден глас. Експертите се скептични. Џонатан Ијал од лондонскиот Институт за одбранбени науки вели дека НАТО поканата за седум земји од Вилнус групата имал спротивен ефект:

„На пример Литванија има многу мал интерес за безбедносни аранжмани на Балтикот, сега кога таа, заедно со другите две балтички земји е поканета во НАТО. Нема многу координација ни меѓу Романија и Бугарија на другата страна од Европа. Значи Вилнус групата не обезбедува преживување на сегашните регионални договори. јасно кажано, секоја земја има свои сопствени интереси. “

вели Ијал. Но експертот Сокор верува дека е преурането да се каже дали ваквата група би можело во иднина да игра некаква улога. Тој додава дека сегашната ирачка криза е сериозен испит за кохезијата на неколку политички односи.
„Прерано е да се каже, бидејќи кризата околу Ирак е првиот вистински тест за политичката кохезија на неколку нивоа – американско-европското, тоа е трансатлантско ниво,-на внатреевропско ниво и на ниво на односите меѓу тринаесете поранешни комунистички земји со останатите.“

За Џонатан Ијал растечките трансатлантски тензии во НАТО предизвикани од француско-германското спротивставување на можната војна против Ирак и писмото на поддршка за американската позиција го свртува вниманието на две работи:

„Прво – тоа служи како предупредување дека овие земји се загрижени за сегашните дебати меѓу Европејците и Американците. И второ тоа е отфрлање на правото Франција и Германија да говорат за цела Европа.“

вели Ијал, кој смета дека и покрај моменталните тешкотии и разлики, постојат заеднички интереси меѓу Евроа и Соединетите Држави.
XS
SM
MD
LG