Достапни линкови

Продолжува состанокот за надминување на несогласувањата


НАТО амбасадорите денеска го продолжуваат состанокот за надминување на несогласувањата околу плановите за заштита на Турција, која е единствена земја – членка на Алијансата што граничи со Ирак. Франција, Германија и Белгија го блокираа планот во Турција да бидат испратени авиони АВАКС, проектили Патриот и тимови за против-хемиска и билошка заштита. Тие сметаат дека таквиот потег би бил сигнал дека дипломатските напори завршуваат и оти започнува војната. Американскиот претседател Џорџ Буш изрази разочараност од француската улога во ваквата одлука.

„Не ја разбирам оваа одлука. Таа ќе се одрази негативно врз Алијансата.“

Американскиот државен секретар Доналд Рамсфелд оцени дека Франција, Германија и Белгија со таквиот став не ги исполнуваат обврските спрема една земја – членка на НАТО за заедничка одбрана. Рамсфелд најави дека Вашингтон унилатерално ќе и помогне на Турција и оти плановите за можна воена интервенција врз Ирак продолжуваат надвор од НАТО. Еден висок дипломат на НАТО оцени дека Алијансата го нема луксузот да дебатира повеќе недели за ова прашање и во прашање е доведен нејзиниот кредибилитет. Соединетите Држави им дадоа 24 часа на Франција, Германија и Белгија да ги прифатат барањата на Турција предупредувајки дека е доведена во прашање иднината на алијансата. Турскиот министер за надворешни работи Јашар Јакиз изрази надеж дека несогласувањата ќе бидат надминати.

„Мислам дека проблемите ќе бидат надминати бидејки нема несогласувања околу суштината на проблемот, туку, за некои земји, околу тајмингот.“

Германија, Франција и Русија, по разговорите Ширак – Путин, вчера објавија и заедничка изјава во која бараат зголемување на бројот на инспекторите за оружје во Ирак и поголема техничка помош за нив. Шефот на инспекторската мисија Ханс Бликс ги отфрли сугестиите дека би помогнало зголемувањето на бројот на инспекторите.
XS
SM
MD
LG