Достапни линкови

Играта е завршена


Играта е завршена за Садам Хусеин, - изјави американскиот претседател Џорџ Буш кој го повика Советот за безбедност на Обединетите Нации поцврста акција да го присилат Ирак да се разоружа.

Во говорот во Белата Куќа, претседателот Џорџ Буш рече дека Соединетите Држави би поздравиле и би поддржале нова резолуција на Советот за безбедност со која би се предвидувала употреба на воена сила доколку Ирак продолжи да одбива да го предаде неговото оружје за масовно уништување. Сепак, Буш додаде дека Соединетите Држави и нивните сојузници се подготвени да дејствуваат самостојно ако Советот за безбедност не ја исполни својата обврска да го разоружа Ирак. Тој додаде дека Вашингтон имал информации оти Садам Хусеин неодамна им дозволил на ирачките командати да употребат хемиско оружје во евентуалната војна.

„Ние имаме извори кои ни рекоа дека Садам Хусеин неодамна им одобрил на ирачките команданти да употребат хемиско оружје – оружје за кое диктаторот вели дека го нема.“

Пред говорот на Буш, во кој оцени дека Хусеин до последен момент ќе се обидува да игра криенка, но оти таа игра е завршена за него, Ирак за прв пат прифати едно од клучните американски барања – ирачките научници – биологисти приватно да бидат инетрвјуирани од инспекторите за оружје. Шефовите на инспекторските тимови Ханс Бликс и Ел Барадеи за таа цел во наредниве денови ќе престојуваат во Багдад по што треба на 14 – ти овој месец да му поднесат уште еден извештај на Советот за безбедност. Во меѓувреме, Вашингтон продолжува да трупа сили во Заливот. Соопштено е дека на елитната американска борбена единица, позната под името Сто и прва воздушна дивизија, и било наредено да се распореди во регионот. Оваа единица позната по тоа што употребува хеликоптери за пренесување на војниците, одигра клучна улога во копнените битки против ирачките сили за време на заливската војна во 1991-ва година. Според извори во Пентагон, се очекува до средината на февруари во Заливот да бидат распоредени околу сто и пеесет илјади американски војници. Три носачи на авиони веќе се таму, а уште други четири пловат кон регионот. Турскиот парламент вчера им одобри на Соединетите Држави да ги реновираат турските воени бази и пристаништа за евентуална нивна употреба во можната војна против Ирак. Парламентот по десетина дена треба да гласа и за тоа дали ќе му дозволи на Вашингтон да распореди свои трупи во турските воени бази.
XS
SM
MD
LG