Достапни линкови

Десет источноевропски земји, вклучувајќи ја и Македонија даваат поддршка на САД


Советот за безбедност на Обединетите Нации остана поделен околу Ирак и по презентацијата на американскиот државен секретар Колин Пауел на доказите дека таа земја крие забрането оружје за масовно уништување. Говорот поддржан од десете земји на таканаречената Вилнус група во која е и Македонија.

Земјите со право на вето во Советот за безбедност – Русија, Франција и Кина по презентацијата на Колин Пауел соопштија дека се уште не ја поддржуваат воената конфронтација со Ирак и оти треба да им се даде уште време на инспекторите за да ја продолжат нивната работа.

„Ја напишавме резолуцијата 1441 за да му дадеме на Ирак последна шанса. Ирак досега не ја искористи. Ние мораме да не ги избегнеме нашата обврски и одговорности спрема граѓаните на земјите кои се претставени во ова тело.“

рече Пауел во Советот за безбедност презентирајќи меѓу другото и сателитски снимки за да ја илустрира американската позиција дека Ирак систематски ги мами инспекторите за оружје и оти таа земја одржува врски со Ал Каеда. Советникот на ирачкиот лидер Амир ал Саади на прес конфереција во Багдад ја отфли вчерашната американска презентација.

„Ова беше типично американско шоу со специјални ефекти. Целата претстава е нарушување на резолуцијата 1441 на Советот за безбедност бидејќи со неа се повикуваат земјите членки да ги дадат сите докази што ги поседуваат до инспекторите за оружје. “

Шефовите на дипломатиите на Русија и на Франција, постојани членки на Советот за безбедност, Игор Иванов и Доминик де Вилпен, по говорот на државениот секретар Колин Пауел изјавија дека инспекторите за оружје треба да ја продолжат работата во Ирак

„Најпрвин самиот Ирак би требало еднаш за секогаш да го разјасни прашањето за неговото оружје за масовно уништување. Ова е единствениот пат кој ќе води до политичко решение.“

„Ние мора да го зацврстиме патот за инспекторите. Употребата на сила е последното средство. Зошто да одиме во војна кога се уште не се искористени сите опции на резолуцијата 1441.“


рекоа Иванов и Вилпен. На ист став е Јошка Фишер министерот за надворешни работи на Германија – земја претседавач на Советот за безбедност.

„Ирак мора да се разоружа, отворено, мирно и со целосна соработка со инспекторите. “

Говорот на Пауел силно беше поддржан од Британија и Шпанија, како и од десет европски земји - Албанија, Бугарија, Хрватска, Македонија, Романија, Словачка, Словенија, Естонија, Латвија и Литванија. Во нивната заедничка изјава овие земји велат дека присутната опасноста што ја претставува режимот на Садам Хусеин бара единствен одговор на демократската заедница. Притоа тие понудија свој придонес во меѓународната коалиција доколку стане неопходно да се преземе воена акција за разоружување на Ирак.
XS
SM
MD
LG