Достапни линкови

Практична примена на документите


Усвојувањето на Уставната повелба и на законот за нејзино спроведување од страна на двата дома на југословенскиот парламент значи дека овие документи започнуваат и практично да се применуваат. Според претседателот на соборот на граѓаните Драгољуб Миќуновиќ, десет дена по нивното усвојување, во собранијата на Србија и на Црна Гора ќе бидат избрани пратениците за новиот сојузен парламент кој треба да избере претседател на Србија и на Црна Гора, како што ќе се вика новата заедница, и претседател на Советот на министрите. Како одговор на усвојувањето на Уставната повелба во која Косово е дефинирано како дел од новата државна заедница, група од четриесетина пратеници на косовскиот парламент упатија барање за вонредна седница на која би се усвоила резолуција за Косово како независна и суверена држава. Притоа се потестува дека во ноември лани ова собрание повелбата меѓу Србија и Црна Гора ја оцени како уставна агресија со опасни последици и оти недефинираниот политички статус станува пречка за мирот, стабилноста и демократијата на Косово. Членот на претседателството на косовското собрание Оливер Ивановиќ оцени дека ваквата иницијатива дополнително ќе ја заостри и онака напнатата ситуација во Покраината. Сојузна Република Југославија беше формирана од Србија и Црна Гора на 27-ми април 1992 година. Уставната повелба го претставува нивното решение да продолжат да живеат во заедница која е орочена на три години. По овој период треба да биде решено дали тие ќе останат заедно или ќе се одвојат како посебни држави.
XS
SM
MD
LG