Достапни линкови

Македонската влада ќе се обиде да го усвои акциониот план


Кабинетот на премиерот Црвенковски во трет обид ги утврдува основите за заедничката застапеност во администрацијата. Причина, податоците со кои ќе се оперира во основите што треба да прераснат во посебен план за соодветна и правична застапеност на сите етнички заедници во јавната администрација. Вице премиерот Муса Џафери на чие барање планот за имплементација до сега се одложуваше вели:

„Во еден од столбовите на планот за имплементација на рамковниот договор кој се однесува на пропорционалната или еднаква застапеност во државната администрација, недостасуваат многу податоци. Тука се работи за проект кој не е мал, кој бара време и многу видови информации што треба да се потврдат, за на крај да ја реализираме динамиката на реализирање на оваа точка“.

Иако станува збор за обврска што произлегува од рамковниот договор, застапеноста на припадниците на заедниците во јавната администрација не е само политичка, туку многу повеќе социјална потреба, оценува професорот на социолошко правниот институт за кадровски менаџмент Цветко Здравевски.

„Она што општеството на социјален план оневозможило некоја социјална заедница да биде соодветно компетентна за да може да го оствари своето основно човечко право, а тоа е правото на работа, тоа ја воведува институцијата на позитивна дискриминација“.

Позитивната дискриминација подразбира исполнување минимум критериуми за образование и стручност во работењето, вели Здравевски и додава:

„А потоа, по вработувањето, институцијата – и тоа и во земјите со пазарно стопанство, а не само во јавната администрација, дури и поголемите деловни системи – преземаат мерки во одредено разумно време да ги доведат нововработените до нивото на подобна компетентност“.

Станува збор за долготраен процес е пораката што доаѓа како од експертите, така и од државниот врв, но притоа едно е сигурно ако се дозволи вработување по партиски клуч позитивните ефекти во моделирањето на ефикасна државна администрација ќе изостанат:

„Тие луѓе никогаш нема да имаат мотив да станат компетентни, бидејќи ја имаат заштитата на партијата што ги именувала“.
XS
SM
MD
LG