Достапни линкови

Балканот треба да стане мост на мирот


Балканот кој често е потресуван од конфликти, наскоро треба да стане мост на мирот меѓу Европската унија и нејзините источни соседи. Ова е визијата на претседателот на Европската комисија Романо Проди кој вели дека следната голема задача на Унијата е да го интегрира Балканот во Европа.

Патот на Балканот до Унијата ќе биде долг, наведува во написот за бриселскиот неделник Европски глас Романо Проди кој додава дека Европската Унија може да обезбеди стабилност во тој регион само ако му понуди јасни перспективи за интеграција. Деновиве Грција како актуелен и Италија како иден претседавач на Европската Унија презентираа амбициозен план за државите од Западен Балкан, односно за задржување на перспективите за интеграција на Македонија, Албанија, Југославија, Хрватска и Босна во Европа. Проди смета дека Балканот претставува еден вид мост меѓу евро стратегијата за проширување кон исток и она што тој го нарекува нова политика на блискост. Центарот на ваквата стратегија е планираното создавање заеднички економски простор, базиран, меѓу другото и врз употребата на еврото како референтна валута. Овие партнерски земји, и пред да станат членки на Унијата, би требало да бидат вклучени и во делењето на одговорноста спрема заедничките закани како што се: тероризмот, криминалот, илегалната имиграција и екологијата.

„Ние ќе имаме одвоени разговори со сите тие земји за да ги зацврстиме односите со нив. Ова веќе подолго време беше заборавено, бидејќи целото внимание му беше посветено единствено на проширувањето на Унијата.“

вели експертот за европски прашања Стефан Мартел кој смета дека е крајно време Брисел да создаде прстен на пријатели на своите граници. Хетер Грабе од Центарот за европски реформи во Лондон се согласува дека Унијата бавно ја развива својата политика особено спрема земјите како Украина и Белорусија.

„Проблемот е во тоа што за повеќето европски граѓани тие се далечни земји за кои многу малку знаат. Европската Унија треба да им даде вистинска содржина на односите со нив и покрај тоа што овие земји ни долгорочно гледано немаат изгледи да станат нејзини членки.“

вели Грабе. Во написот, Проди додава дека наскоро ќе дојде време да се размислува каде се конечните граници на Европа или со други зборови кога мора да заврши процесот на експанзија на Унијата. Дури и сега има многу котроверзи околу кандидатурата на Турција. Доколку оваа држава добие дозвола, тогаш Европската Унија ќе граничи со Сирија.

„Ако Турција и се придружи на Европската Унија ќе стане јасно дека религиозната и културна заднина на земјите не е важна за изборот на државите кои ќе бидат дел од таа Унија. По турското влегување, мислам дека и северноафриканските земји би требало да ги започнат обидите за членство во Унијата.“

смета Стефан Мартел кој додава дека во таков случај би можело исцртувањето на конечните граници на европската Унија да потрае уште многу време.
XS
SM
MD
LG