Достапни линкови

Русија, Кина, Франција, Германија и Арапската лига бараат повеќе време


Русија, Франција, Германија, Кина и Арапската Лига се на ставот дека Обединетите Нации треба да им дадат уште време на инспекторите во нивната потрага по оружје за масовно уништување во Ирак. Од друга страна Соединетите Држави соопштија дека истекува времето режимот на Садам Хусеин да го избере патот на мирно разоружување. Ваквите реакции дојдоа откако шефот на инспекторите за оружје Ханс Бликс во Советот за безбедност изјави дека Ирак се отвори за меѓународна инспекција, но оти се уште не ги прифатил барањата на Обединетите Нации за да се разоружа. Според американскиот државен секретар Колин Пауел, вчерашниот извештај покажува дека ирачкиот режим не е решен да се ослободи од оружјето за масовно уништување.

„Прашањето не е колку уште време им треба на инспекторите да трагаат во темница. Прашањето е колку уште време ќе му биде дадено на Ирак за да ги запали светлата. И одговорот е – не многу време. Ирачкото време за да го избере мирното разоружување брзо истекува.“

изјави државениoт секретар Пауел, додавајќи дека одбивањето на Ирак да се разоружа и натаму претставува закана за меѓународниот мир и безбедноста. Тој потсети дека Соединетите Држави го задржуваат правото, заедно со државите кои го имаат истиот став да употребат сила против Ирак. Велика Британија и Австралија се придружија кон американската осуда на ирачката несоработка со инспекторите на Обединетите Нации.
„Мислам дека она што го слушнавме е каталог на нерешени прашања. Јасно е дека тие нема да бидат решени по мирен пат се додека Ирак не е подготвен на стопроцентна соработка со Обединетите Нации.“

рече британскиот амбасадор во Светската Организација Џереми Гринсток. Ваквиот став е неприфатлив за Русија, Франција, Германија, Кина и дваесет и двете земји-членки на Арапската Лига кои побараа инспекторите да ја продолжат работата. Според рускиот амбасадор во Обединетите Нации Сергеј Лавров, инспекторите досега ни докажале, ни не докажале дека Ирак се разоружува.

„Веруваме дека инспекторите вршат многу корисна работа и оти мора да ја продолжат за да се увериме дека ирачките програми за оружје за масовно уништување се стопирани.“

изјави Лавров. Ирачкиот заменик премиер Тарик Азиз уште еднаш ја изрази намерата на неговата земја да ја зголеми соработката со инспекторите за оружје. Во инетрвју за канадската телевизија тој додаде дека Ирак во евентуалната војна нема да вршел напади врз американска територија.
XS
SM
MD
LG