Достапни линкови

Сега никој не е подготвен за конечно решавање на статусот на Косово


Финалниот статус на Косово ќе биде решен во преговори меѓу Белград и Приштина, а меѓународната заедница ќе го подржи со нова резолуција во Советот за Безбедност доколку при тоа не се нарушува територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија и Босна. Ова во интервју за Косовската редакција на Радио Слободна Европа го изјави директорот за Балкански иницјативи при американскиот Институт за мир Даниел Сервер.

Идниот статус на Косово и рефлексиите врз севкупните односи во регионот повторно станаа тема со најавите на некои политичари од Белград дека можеби е време да се отвори ова прашање. Директорот за Балкански иницијативи при
американскиот Институт за мир Даниел Сервер смета дека никој во моментов не е подготвен за почеток на разговорите за конечниот статус на Косово.

„Ние веруваме дека конечниот статус на Косово мора да биде одреден во рок од 3 до 5 години. Факт е дека во Приштина не гледам луѓе кои се подготвуваат за тие разговори. Не гледам дека се подготвуваат документи за прашања кои ке се отвораат на овие разговори – прашања кои се однесуваат на односите меѓу Косово и Србија, Косово и Македонија, Албанија. Каде се документите, каде се сериозните анализи како ке изгледа иднината. Тоа се уште не сум го видел. Мислам дека се потребни многу подготовки.“

Конечниот статус на Косово, според Даниел Сервер од американскиот Институт за мир ќе биде одреден во разговорите меѓу Белград и Приштина иако некои албански политичари сметаат дека Белград не е играч во евентуалните дискусии за ова прашање.

„Мислам дека Белград ке биде играч. Мислам дека единствениот пат за промена на статусот на Косово е нова резолуција на Советот за Безбедност. Приштина и Белград мора да постигнат договор и ако тие тоа го направат Советот за Безбедност ќе биде среќен да го усвоји особено ако при тоа не се чепка во територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија и на Босна.“

изјави Даниел Сервер кој смета дека во тој правец ќе оди и подршката на Соединетите држави, Европската Унија и Обединетите Нации. Сервер нагласува дека при тоа за Косово во периодот што престои е од најголема важност да ги примени таканаречаните Штајнерови стандарди.
XS
SM
MD
LG