Достапни линкови

Постигнат договор со владата


Договорената трансформација на оваа единица за брзи интервенции е компромисното решение, кое значи „Лавовите“ веќе нема да постојат.

„Одлуката како одлука за распуштање не ја примивме со радост, но тоа е одлука на претседателот и на премиерот на која ние не можеме да се спротивставуваме. Ние и претходно најавивме дека секоја одлука ќе биде испочитувана“

изјави претседателот на независниот синдикат на „Лавовите“ Драган Кимовски. Тој не потврди, но ниту демантира дека постои незадоволство меѓу припадниците на единицата од постигнатото решение. Инаку, во согласност со вчерашниот договор, денеска се формира и заедничката комисија на МВР и „Лавивоте“ чија задача е решавање на статусот на дел од „Лавовите“. Односно, станува збор за 600 припадници на оваа единица од кои приоритет ќе имаат оние кои пристапиле во единицата до 31 декември 2001 година. Друга задача на комисијата ќе биде и чистење на списокот од фиктивните припадници на единицата. Единицата „Лавови“ во мешовитата комисија ќе ја претставуваат пет члена, односно командантите на четите.

„Се знаат луѓето и секој за своја чета ќе даде предлози на кој начин ќе се спроведе тоа“

Додека од МВР со став:

„Мислам дека беспредметно е да се знаат членовите на комисијата. Поефектно е да се знаат резултатите од работата на комисијата. Мислам дека комисијата после тоа ќе си излезе со одредени ставови“

вели портпаролот на ова министерство Мирјана Контевска. Решавањето на проблемот со „Лавовите“ за премиерот Бранко Црвенковски е санирање на проблем што е останат во наследство.

„Го изнаоѓаме или се обидуваме да најдеме начин да решиме еден проблем којшто ни остана во наследство“.
XS
SM
MD
LG