Достапни линкови

Државата нема обврски кон „Лавовите“


Правно гледано државата нема обврски кон припадниците на единицата за брза интервенција односно лавовите или пак било кој припадник на безбедносните сили ангажирани со договор на дело по истекување на рокот на важење, бидејќи не станува збор за правен документ со кој се воспоставува работен однос, изјави раководителот на сектор во државниот инспекторат за труд Агим Шаќири.

„Тој документ, тој договор за дело, никако не значи дека е работен однос и не е договор за работа, не е договор од којшто произлегуваат некои обврски на државата. Договорите за дело не носат никакви обврски: тие траат колку што траат, склучени се за одредено време и никакви обврски нема понатаму“.

Нашата легислатива, објаснува Шаќири, подразбира постоење само на договор за работа кој се склучува на определено или неопределено време и тоа е единствен случај во кој работодавецот има обврски кон лицето кое го вработува. Тој вели дека правните норми важат за сите и не може поинаку да се толкуваат. Но проблемот со припадниците на лавовите и резервистите има и други димензии кои не може да се решат со насилство. Според професорот на Правниот факултет Владо Камбовски

„едно е правната димензија на секој проблем, а друго е општата морална, политичка димензија на проблемот кој не може да се решава со насилство од било која страна, туку треба да се реши со еден тактички пристап – и од страна на поранешните припадници на еднициата и од страна на МВР, поаѓајќи од тоа дека сепак тие луѓе, во жешки времиња за земјата, се наоѓале на борбените линии, во одбрана на нејзините вредности, интегритет и друго“.

Камбовски предлага проблемите да се решат со разговори, бидејќи како што посочува ништо нема да се постигне доколку дојде до конфликт.

„Сега најжална слика би била поранершните резервисти или лавови да влезат во некој конфликт кој би прераснал во некоја форма на насилство, со своите колеги од полицискиот состав со кои до вчера биле заедно“.
XS
SM
MD
LG