Достапни линкови

Поостар став кон Ирак


Соединетите Американски Држави го повикаа Советот за безбедност на Обединетите нации да заземе поостар став спрема Ирак. Американскиот државен секретар Колин Пауел на седницата на Советот за безбедност рече дека светот не треба да се воздржува од конфронтација со Ирак, доколку Багдад не прифати разоружување.

„Не можеме да не преземаме акција која би била неопходна поради стравот од тоа што би можеле другите да направат. Не смееме да не дејствуваме бидејки страхуваме од тешките одлуки што се пред нас.“

Американската администрација смета дека клучен датум за одлука за воена интервенција против Ирак е 27-ми овој месец, кога инспекторите за оружје треба да поднесат извештај во Советот за безбедност. Меѓутоа, Русија, Франција, Кина и Германија се воздржани околу можната употреба на сила во оваа фаза. Шефот на француската дипломатија Доминик Де Вилпен оцени дека во овој момент употребата на сила не е оправдана и оти на инспекторите за оружје треба да им се даде уште време. Министрите за надворешни работи на Русија и на Германија, Игор Иванов и Јошка Фишер предупредија дека нападот врз Ирак може да има негативни последици во војната против тероризмот.

„Многу е важно да не се превземаат унилатерални чекори кои можат да бидат закана за единството во анти-терористичката коалиција. Затоа ние бараме политичко решение за кризата.“

„Сите ние бараме Багдад целосно да ги почитува резолуциите на Обединетите Нации, но страхуваме дека воената акција може да има катастрофални последици врз регионалната стабилност.“


Шефот на меѓународните инспектори Ханс Бликс по дводневниот престој во Багдад изјави дека Ирак има одговорност да го убеди светот дека нема оружје за масовно уништување и оти досега инспекторите немаат доволно сознанија дали Ирак има или нема забрането оружје.
XS
SM
MD
LG