Достапни линкови

Радмила Шеќеринска, потпретседател на владата. Патот кон Европа води преку соседите


Колку е реално да се очекува годинава, оваа 2003-та, да биде пресвртна во правец на создавањето претпоставки за наше побрзо евроинтегрирање?

Доколку во 2003-та година оваа влада не најави и покаже дека еден од приоритетите на владата, не само во доменот на надворешната политика, туку пред се во доменот на внатрешната политика, е европското интегрирање, тогаш мислам дека понатаму нема да има многу простор да се променат трендовите коишто за жал не се позитивни во делот на работата којашто Македонија ја сработи, односно не ја сработи во изминатиот период, а се однесува на нашите амбиции да станеме членка на Европската Унија. Мислам дека потребно е да поминеме од декларации на реална и активна политика, политика којашто ќе се води во секое министерство, политика којашто ќе ја спроведува целата влада. Да покажеме, не само со повторување на изјавите дека Европа е нашиот единствен дом, нашата единствена иднина и стремеж, туку дека реално сме подготвени да ја платиме цената – и политичка, и економска, и секоја друга – за да се приближиме кон Европската Унија. Заради тоа сметам дека 2003-та година ќе биде клучна за да го покаже тој нов ветар. Јас се надевам дека тој нов ветар ќе биде видлив и во Македонија, но и надвор од Македонија.


Mеѓу претпоставките за побрзо евроинтегрирање е и развојот на регионалната соработка?

Тоа е еден од условите што е дефиниран и во Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Доколку не можете да покажете дека знаете да развивате добра политика и добри односи со првото ваше соседство, тогаш апсолутно не можете да докажете дека заслужувате да бидете дел од еден покрупен интегративен процес. МИслам дека во делот на регионалната соработка – и покрај тоа што регионалната соработка во почетокот беше сметана за најсериозен проблем во Спогодбата за стабилизација и асоцијација, по малку и контроверзна, и Македонија и Хрватска неа на почетокот ја доживуваа како услов којшто може да ги забави. Меѓутоа, се покажува дека тоа не е така и дека индивидуалниот принцип егзистира, што значи дека секоја земја ќе биде вреднувана според индивидуалниот напредок што ќе го направи во различните сфери кајшто се потребни реформи и вистинска политика. Она што треба да се искористи во овој момент, е тоа што Македонија навистина нема од што да се срами. Напротив, има многу работи со коишто може да се пофали во доменот на регионалната соработка. Најголемиот дел од владите на овие земји сфатија дека може само да се профитира од соработка. Особено во доменот на борбата против организираниот криминал и корупцијата, во доменот на приближувањето на земјите кон Европската Унија, дури и во доменот на лобирање кај различните земји членки на Европската Унија.
XS
SM
MD
LG