Достапни линкови

Процентуалната застапеност на етничките заедници ќе се знае за шест месеци


Според првичните резултати од пописот што се одржа минатата година во земјава, попишани се вкупно 2.061.800 лица, соопштија денеска од заводот за статистика. Благица Новковска прецизираше дека во овој број се вклучени и странските државјани кои во моментот на попишувањето се наоѓале во Македонија.

„Вкупно население имаме 2.038.059 лица. Странски државјани присутни во Македонија помалку од една година, бегалци, хуманитарно згрижени лица и друго – 23.741 лице“

Како што се очекуваше, процентуалната застапеност на етничките заедници кои живеат во Македонија не беше соопштена.

„Знам дека најголема заинтересираност е за етничката структура на населението, но ниту еден податок нема да излезе како конечен порано од шест месеци, почнувајќи од денешниот ден. Конечниот податок ќе биде објавен во јуни 2004-та, но дотогаш сукцесивно ќе се објавуваат,“

вели Благица Новковска.

По завршувањето на пописот во јавноста се појавија и многу шпекулации околу бројот на албанското население во Македонија. Ќе бидат или нема да бидат Албанците над 20 отсто, со што би можело да се доведе во прашање и Рамковниот договор. Во него квотата на 20 проценти од населението во земјава се употребува во многу одредби, а се однесува конкретно на албанското население. На последниот попис одржан во 1994-тата година бројот на Албанците кои живеат во Македонија изнесуваше 22.7 насто. Ваквите шпекулации многумина ги оценија како политички мотивирани.

„Податоците се добиени и ќе бидат искористувани само од страна на политичките партии во функција на политичката борба“,

изјави претседателот на Хелсиншкиот комитет во Македонија Мирјана Најчевска.
XS
SM
MD
LG