Достапни линкови

Парламентарците и сенаторите ќе бираат наследник на Хавел


Чешкиот парламент утре ќе избира нов шеф на државата. Меѓутоа, се верува дека ниту еден од четворицата кандидати нема да освојат доволно гласови во првиот круг.

Пратениците и сенаторите во чешкиот парламент во барокната Шпанска сала на прашкиот замок ќе се обидат да изберат наследник на претседателот Вацлав Хавел чиј последен петгодишен мандат завршува за три недели. Но, се уште не е јасно дали, кога Хавел ќе ја напушти канцеларијата-на трети февруари, ќе има сукцесор за да биде инаугуриран. Поранешниот дисидент и заменик министер за внатрешни работи Петрушка Шустрова која сега е е колумнист во чешкиот дневник Лидове Новини вели:

„Вистинска мистерија е дали тие ќе успеат да изберат некој. Ниту шефовите на парламентарните групи не знаат како ќе се одвива гласањето, бидејќи има многу интереси на маса. Тешко е да се предвиди каков ќе биде резулатот од овие избори.“

Во првата рунда ќе се гласа за четворица кандидати – поранешниот премиер Вацлав Клаус поддржан од Граѓанската демократска партија, спикерот на Сенатот Петр Питхарт од Христијанско демократската Унија, заменик прамиерот Јарослав Буреш од владејачките социјалдемократи и поранешниот воен обвинител Мирослав Криженски – поддржан од Комунистите. Доколку во првиот круг нема победник треба да се одржи втор, а ако и тогаш никој не го добие потребното мнозинство се закажува втора рунда, но со нови кандидати. Од сегашните - сите освен Клаус биле членови на чехословачката комунистика партија. Колумнистот Шустрова предупредува да не се прави ваква генерализација кога се работи за функцијата претседател:

„Тоа е важна симболична функција. Комунист како наследник на Вацлав Хавел меѓу дел од јавноста би можело да предизвика незадоволство, но мислам дека не сите поранешни комунисти се исти. Постои разлика.“

Хавел кој никогаш не бил комунист, на претседателската фотелја е повеќе од 12 години. Дисидентскиот писател кој за време на комунизмот во земјата поради неговите активности околу човековите права пет години беше во затвор за прв пат стана претседател на Чехословачка во 1989 година. Неговиот избор беше кулминација на Кадифена револуција со која заврши четиридеценското комунистичко владеење во земјата.
XS
SM
MD
LG