Достапни линкови

ВМРО-ДПМНЕ се враќа на лидерските средби кај претседателот


Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ реши, се враќа во политичките институции во земјава. По одлуката за враќање во собранието оваа партија најавува присуство и на лидерските средби кај претседателот Трајковски.

„Со нашето враќање во парламентот многу работи ќе бидат релаксирани со нашето учество во институциите на системот и очекувам дека и во тој дел од нашата партиципација и усогласување околу имплементацијата на Охридскиот договор, не би требало да има проблеми,“

изјави за Радио Слободна Европа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Марјан Ѓорчев, кој вели ние никогаш не сме изјавиле дека ќе отстапиме од имплементацијата на рамковниот договор.

„Нашиот став беше, е и ќе остане за градење на такви односи кои произлегуваат од тој пишан документ и ќе значат подобро за граѓаните на Република Македонија“.

На претстојната лидерска средба, како што најави портпаролот на претседателот Борјан Јовановски:

„Треба да биде разгледан списокот и временските рокови за усвојување на законите кои не се поврзани со децентрализацијата и како што знаете тие закони треба да бидат донесени најдоцна до крајот на јуни 2003-та година“.

Меѓу нив се и законот за патни исправи, правичната застапеност на сите етнички заедници во јавната администрација и законот за употреба на симболи. Очекувањата се дека токму патните исправи и симболите ќе бидат најчувствителните закони. По спротиставувањата на СДСМ и на претседателот Трајковски кои тврдат дека пасошот се користи во меѓународната комуникација, беше стопиран предлогот со кој се предвидуваше употреба на албанскиот јазик и на насловната страна. Најголемата албанска политичка партија ДУИ, како и ДПА остануваат на ставот дека албанскиот јазик треба да се употребува и на насловната, додека за сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ која тогаш прифати, сега останува дилемата:

„Дали пасошот е лична исправа или пак службен документ на државата Република Македонија. И сега треба да видиме што ќе понуди во оваа ситуација актуелната влада,“

изјави потпретседателот Ѓорчев.
XS
SM
MD
LG