Достапни линкови

logo-print

Намален интерес на западните компании


Во изминатите месеци пропаднаа две големи зделки за приватизација на компании во Чешка. Во Бугарија се случи нешто слично, но поради обвинувања за нерегуларности. Проблеми со приватизацијата има и во Романија. Аналитичарите оценуваат дека Западот како да го губи интересот за вложувања во поранешните комунистички држави.

Приватизацијата во земјите од Централна и Источна Европа е клучна во процесот на нивната економска транзиција, меѓутоа, во последно време овој процес како да бележи застој. Долго планираната приватизација на Чешкиот телеком, во ноември минатата година пропадна поради несогласување со потенцијалните купувачи околу цената. Слична судбина доживеа и нафтената компанија - Чешки Унипетрол. Во Бугарија владата најде купувачи за Телекомот и за компанијата за тутун Булгартабак, но продажбата е одложена поради сомневања за корупција. Романија пак во минатиот месец не успеа да најде заинтересирани за купување на најголемата државна банка. Аналитичарите оценуваат дека една од причините е слабеењето на светската економија, кое се одразува и врз овие земји. Западните фирми имаат се помалку пари за инвестирање, оценува Габор Хуниа од Институтот за меѓународни економски студии во Виена.

„Спојувањето и заработката, каква што е приватизацијата, фактички во минатата година се преполовени, во споредба од пред две години. Таквата тенденција доведе до тоа компаниите да не инвестираат во нови територии.“

Друга причина, според Хуниа е тоа што остана малку за приватизирање, главно енергетските сектори, за кои има малку заинтересирани купувачи. Сепак, аналитичарот Мишел Мериз оценува дека и покрај негативните трендови во светската економија, земјите од Централна и Источна Европа сеуште можат да постигнат добра цена за приватизација на државните компании.

„Сега, во овој многу негативен развој, дали сеуште можеме да видиме заинтересирани купувачи на компании? Во Бугарија и Романија одговорот е да, во Чешка и Словачка некои компании се продадоа по цени над очекувањата.“

Оптимистички најави за оваа година даваат и други економски експерти, а дел од нив пак сметаат дека некои влади на земји од Централна и Источна Европа, како на пример Чешка, тактизираат и чекаат да се подобрат економските прилики за да постигнат подобра цена за компаниите што ги нудат на пазарот.
XS
SM
MD
LG