Достапни линкови

logo-print

Враќање на нелегално стекнатиот имот дел од пресудата


Одземање на имотната корист што е стекната по пат на казеното дело, несомнено треба да претставува дел од судската пресуда кога вината на сторителот ќе биде докажана во една судска процедура, укажува професорот по кривично право Владо Камбовски во врска со постапките што треба да следуваат по актуелните апсења на високи функционери во државата од претходната владеачка структура за кои постојат сомневања дека проневериле огромни суми пари од државата.

„На крајот на краиштата, ништо нема да се добие со тоа што некој ќе биде осуден на некоја казна, затвор, парична казна или условна осуда, ако на крајот остане оној огромен имот што беше грабнат од буџетот и од џеповите на граѓаните, и натаму остане на располагање на поединци, на политички партии и нивните раководства,“

вели професор Камбовски.

Нечесно стекнатата корист не мора да биде само кај сторителот туку таа може да биде пренесена и на друго име, како и на политичката партија потсетува Камбовски. Прашање што исто така се наметнува пред една правна држава е зошто по заминувањето од власт на лицата кои направиле кривични дела се преземаат мерки, а тоа не било направено на време.

„Токму тука беа нашите проблеми на функционирањето на правната држава – што сите тие механизми во претходниот период целосно затајуваа. Тоа не се однесува само на претходниот период од три-четири години, туку години наназад политичката држава успеа да ја потисне правната држава.“

Последица на ненавременото преземање мерки кон осомничените за криминал според законската постапка која предвидува дека полицијата треба да покрене пријави за казнено гонење, односно обвинителството да поднесе барање за спроведување истрага за осомничените се денешните масовни апсења.

„Сега се соочуваме со вакви грозни состојби на стотици криминалци кои минувале покрај нас, заземале важни општествени, државни и политички функции, а против нив законот не можел ништо. Тоа е тој суштински проблем на правната држава и мислам дека сега треба да започне разрешница на таквиот проблем.“

Клучно прашање за перспективите на правната држава, според професорот Камбовски е законските мерки да бидат применувани во иднина и кон припадниците на актуелните владеачки партии.
XS
SM
MD
LG