Достапни линкови

logo-print

Повлекување од Договорот за неширење на нуклеарно оружје


Северна Кореа денеска соопшти дека се повлекува од Договорот за неширење на нуклераното оружје. Овој договор има за цел меѓународна контрола на развивањето нуклеарна технологија. Официјалната севернокорејска новинска агенција сепак прецизира дека Пјонгјанг нема намера да развива таков вид оружје и оти повлекувањето од Договорот е поради тоа што Северна Кореа сака да се ослободи од обврските што со него и се наметнати од Меѓународната агенција за атомска енергија. Пред неколку дена оваа агенција ја повика Северна Кореа да ги прими назад нејзините инспектори кои властите во таа земја ги протераа во минатиот месец. Еден неименуван севернокорејски дипломат во Пекинг изјави дека неговата земја би можело да ја смени својата одлука за повлекување од Договорот доколку Соединетите Американски Држави ја продолжат испораката на нафта за Северна Кореа. Неговата изјава беше дадена вчера, односно непосредно пред средбата на двајца севернокрејски официјални претставници со поранешниот американски амбасадор во Обединетите Нации Бил Ричардсон во Ну Мексико. Оваа средба иако официјално не беше спонзорирана, беше поддржана од администрацијата на претседателот Џорџ Буш.

„Ние постојано велиме дека нема да преговораме, туку ќе разговараме со Северна Кореа за нејзините намери и за тоа како тие мислат да се вратат и да ги почитуваат меѓународните обврски.“

изјави портпаролот на Белата Куќа Ари Флејчер. Во првичната реакција на Јужна Кореа на денешното соопштение на Пјонгјанг дека се повлекува од Договорот за неширење на нуклеарното оружје се изразува загриженост, но и како што се наведува, увереност дека тоа покажува оти кризата може да биде решена само преку дијалог. Со ист став е Франција.

„Се додека му даваме предност на дијалогот, ние се надеваме дека Северна Кореа ќе сфати дека сегашната ситуација е неприфатлива оти ширењето на нуклераното оружје не може да биде прифатливо за меѓународната заедница.“

И Јапонија и Русија изразија загриженост и најавија дипломатски чекори со цел Северна Кореа да ја смени одлуката за повлекување од Договорот.
XS
SM
MD
LG