Достапни линкови

До сега нема докази дека Ирак поседува оружје за масовно уништување


Шефовите на инспекторската мисија за оружје на Обединетите Нации, во Советот за безбедност соопштија дека досега не пронашле конкретни докази дека Ирак поседува оружје за масовно уништување. Соединетите Држави со став дека Ирак не сака да соработува и оти нема намера доброволно да се разоружа.

Ханс Бликс и Мухамед Ел Брадеи изјавија дека засега не може да се утврди дали Ирак има хемиско, биолошко или нуклеарно оружје, но побараа од Багдад поактивна соработка со инспекторските тимови. Бликс оцени дека во извештајот што го подготви Ирак во минатиот месец за неговите воени капацитети има многу неодговорени прашања и оти инспекторите низ разговорите со повеќемина ирачани дошле до значајни сознанија.

„Направивме многу разговори и собравме значајни информации и покрај тоа што постојано имаше надзорници. Ирак е тоталитарна земја и ние не можеме слободно да разговараме со луѓето кога тие под надзор.“

Со слична оценка и Ел Брадеи кој посочи дека на инспекторите им треба уште време и повеќе разузнавачки податоци од земјите членки на Обединетите Нации, како и поголема кооперативност од режимот во Багдад.

„Доколку Ирак поактивно соработува, ние ќе можеме да направиме приватни разговори со луѓе во земјата, а има и такви кои би сакале да зборуваат, но надвор од Ирак.“

Портпаролот на Стејт Департментот Ричар Баучер изјави дека станува се појасно оти Ирак не сака да соработува и оти Соединетите Држави знаат дека таму има оружје за масовно уништување. Рускиот амбасадор во Обединетите Нации Сергеј Лавров ги повика Соединетите Држави да понудат конкретни докази за таквите тврдења. Германскиот амбасадор Гинтер Плојгер оцени дека во овој момент нема причина за војна против Багдад, но оти Германија останува на ставот дека Ирак мора да се разоружа, а на инспекторите за оружје да им се овозможи да ја продолжат својата работа.

„Ние го прифаќаме актуелниот став на Генереланиот секретар дека инспекторите треба да ја продолжат работата и од таа причина, нема основа за воена акција.“

Американскиот амбасадор Џон Негропонте оцени дека Ирак не го менува својот став и оти нема намера да се разоружа.

„Последната изјава на претседателот Садам Хусеин е сигнал дека тој ги смета за нелегални инспекторите за оружје и оти тие треба да се саботираат. Тоа е став на режим кој не сака да прифати мирно разоружување.“
XS
SM
MD
LG