Достапни линкови

logo-print

Почетокот на „Сојузничка хармонија“ ветува


Почетокот на новата НАТО мисија во Македонија наречена „Сојузничка хармонија“ ветува, оценува портпаролот на алијансата во Македонија Крег Ретклиф.

„Безбедносната ситуација е стабилна, иако постои загриженост поради криминалните активности. Што се однесува до „Сојузничката хармонија“ и командата во Скопје, можам да кажам дека имавме многу добра транзиција од „килибарните лисици“: тимовите се на терен, комуницираат со населението, добиваме мошне позитивен одговор од луѓето, комуникацијата е подобрена и се чини дека сме во подобра ситуација сега отколку во претходната мисија,“

вели Ретклиф.

Повлекувањето на опремата од „Килибарните Лисици“ речиси еден месец по завршувањето на оваа операција во НАТО ја објаснуваат со потребата од логистичка поддршка на „Сојузничката хармонија“ што започна на 15-ти декември.

„Холандија ги искористи празниците за да ја обезбеди логистиката и транспортот на опремата што беше оставена по заминувањето на нивните војници,“

додава Ретклиф, објаснувајќи го зголеменото присуство на воените конвои на НАТО во текот на овие два дена на автопатот Е-75 кои се движат од Бунарџик кон границата со Грција.

Во меѓувреме, новите мировници се веќе на теренот. Според планираното новата мисија на НАТО предвидува 450 припадници на алијансата во Македонија, но засега бројот е променлив.

„Би рекол дека околу 250-300 луѓе се во земјата. Но, тој број се менува постојано – некој доаѓа, а некој си заминува,“

рече Ретклиф.

За сега земјите што партиципираат во новата мисија се истите кои учествуваа и во претходните, но доколку дојде до предавањето на командата на мисијата од НАТО на ЕУ и земјите учеснички би можеле да бидат променети.
XS
SM
MD
LG