Достапни линкови

Немаме намера да ја нападнеме Северна Кореа


Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија Мохамед Ел Барадеи изјави дека неговите инспектори во Ирак се уште не нашле ништо сомнително. Сепак тој додаде дека се уште е рано да се донесуваат некакви заклучоци. Инспекторите на Ел Барадеи се во потрага по тајни ирачки програми за изградба на нуклеарно оружје. Другите инспектори на Обединетите Нации бараат докази за тоа дали Ирак развива хемиско или биолошко оружје. Во вчерашниот говор ирачкиот претседател Садам Хусеин ги обвини инспекторите за шпиони

„Наместо да бараат таканаречно оружје за масовно уништување како што пропагираат, инспекторските тимови се интересираат и прават список на ирачки научници и ги прашуваат работниците за тоа што не треба.“

Американскиот претседател Џорџ Буш говорот на Хусеин го нарече обесхрабрувачки за надежите за мирно решение на ирачката криза. Буш уште еднаш го повика ирачкиот лидер да ги почитува барањата на Обиденитите Нации и да се ослободи од оружјето за масовно уништување. Зборувајќи за проблемот со Северна Кореа претседателот Буш побара таа земја да ги исполни обврските и да дозволи повторна меѓународна инспекција на нуклеарните постројки.

„Бев во Кореа и јасно кажав дека Соединетите Држави немаат намера да ја нападнат Северна Кореа. Го реков тоа во Јужна Кореа, во соседството на Ким Јонг Ил. Реков јасно: Ние не сакаме да ве нападнеме и сега го повторувам тоа.“

рече претседателот Буш додавајќи дека е подготвен на дијалог со Северна Кореа. Но, притоа тој не образложи за каков вид на дијалог е подготвен со Северна Кореа која во минатата година заедно со Ирак и Иран ја нарече за оска на злото. И Северна Кореа денеска побара од Соединетите Држави започнување на разговори со оценка дека сегашната американска политика би можело да води кон војна. Во соопштинието на државната новинска агенција во Пјонгјанг се прецизира дека новите санкции спрема Северна Кореа значат војна и оти доколку дојде до неа тогаш Соединетите Држави ќе платат висока цена.
XS
SM
MD
LG