Достапни линкови

Барање за поагресивна политика со загубарите


Македонската влада кон крајот на месецот треба да го потпише стенд-бај аранжманот со ММФ. Меѓутоа, ММФ бара од владата поагресивна политика во решавањето на проблемот со загубарите. Тоа е услов и за повлекување на втората транша од фејсал-аранжманот со Светската банка во износ од 20 милиони долари.

Со решавањето на фирмите – загубари „Југохром“, „Годел“, „Готекс“, „Злетово – батерии“ и „Порцеланка“, обврските на македонската страна за повлекување на втората транша од фесал аранжманот на Светската банка во износ од 20 милиони долари се исполнети. Но, тоа не значи и автоматско повлекување на средствата, бидејќи пристигнувањето на оваа рата е условено од потпишувањето на стенд-бај аранжманот со ММФ, чии, пак, средства ќе бидат употребени за пополнување на платно-билансната дупка. Со оглед на најавите што пристигнуваат од ММФ преговарачите дека овој аранжман Македонија ќе го потпише со голема сигурност кон крајот на месец јануари, македонската влада до Светската банка веќе упатила писмо во кое се бара парите да се уплатат веднаш по потпишувањето на писмото на намери со ММФ, се со цел да не мора да се чека на редовната процедура – аранжманот да помине пред бордот на директори на Фондот. Со скратувањето на оваа процедура, Македонија парите од Светската банка би ги добила два до три месеци побрзо. Една од главните сугестии што ги добила македонската влада при неодамнешниот престој на експерти од Светската банка е дека Македонија мора да води поагресивна политика при решавањето на преостанатите загубари. Поконкретно, тоа значи дека владата не смее да им исплаќа плати на работниците кои ќе останат без работа од ликвидираните компании, туку нивниот статус треба да се решава преку социјални програми преку кои ќе се отвораат нови работни места. По добивањето на втората транша Македонија веднаш треба да се фокусира врз решавањето на статусот на преостанатите 14 загубари меѓу кои поголеми се Рудниците „Саса“, „Тораница“ и ФАС „11 октомври“, „Злетово-Топилница“, НИП „Нова Македонија“, „Силика“, „Македонка“ и „Астибо“. Дел од овие компании се веќе ликвидирани, а дел ќе треба да се продадат по пат на меѓународен тендер, за што владата веќе има ангажирано странски консултант.

Инаку, Македонија досега од фесал аранжманот ја има добиено само првата транша во висина од 10 милиони, а неисплатени остануваат уште две рати од по 20 милиони долари. Од ветените пари неисплатени остануваат: грантот од холандската влада во висина од 17 милиони долари, грантот од 16 милиони долари од Аерика, 26 милиони евра од Европската Унија и 25 милиони долари од Светската банка за реформи во администрацијата. Најголемиот дел од овие средства се условени со потпишувањето на стенд-бај аранжманот со ММФ.
XS
SM
MD
LG